Од утре се отвораат операционите сали во прилепската болница и продолжуваат со оперативната програма. Одлуката ја донесе Комисијата за интрахоспитални инфекции при болницата.
Оттаму информираат дека добиле негативни наоди од 150-те земени примероци од салите и персоналот, но со корекција на одредени состојби.
„Врз основа на добиените негативни наоди од Институтот за јавно здравје на Република Северна Македонија, Комисијата за спречување на интрахоспитални инфекции донесе одлука од утре, 28 февруари 2023 година болничките одделенија во Општата болница со проширена дејност од Прилеп да продолжат со оперативните програми притоа почитувајќи ги принципите за асепса, дезинфекција и стерилизација“ – се велии во одлуката на Комисијата.
Салите беа затворени пред десетина дена по случајот со прилепската пациентка на која по зафат во гинеколошкото одделение ѝ се искомплицира состојбата и почина на скопските клиники. Инспекторатот направи вонреден надзор и ја задолжи болницата да врши месечен бактериолошки мониторинг и будно да се следи состојбата со интрахоспитални инфекции.
Прилепското обвинителство отвори предмет за лекувањето на тројца пациенти, а сѐ уште се чека на резултатите од обдукцијата на прилепската пациентка.