Објавата на средношколка за случувањата во средното музичко училиште „Илија Николовски-Луј“, која беше пренесена во медиумите, го реактуализира долгогодишниот проблем со непедагошкото, непрофесионално и насилничко однесување на наставниците кон учениците.
Кога училиштето станува небезбедна средина, во која децата се подложени на малтретирање, омаловажувања и притисоци, тоа не значи само кршење на Конвенцијата за правата на детето, туку остава долгорочни последици врз нивното здравје и понатамошниот животен развој.
„Досегашната пракса покажува дека институциите несоодветно или воопшто не постапуваат по пријави за деградирачко, дискриминирачко и несовесно однесување на наставниците кон ученици. Ние од Хелсиншкиот комитет за човекови права и младинските организации – Националниот младински совет на Македонија, Младинскиот образовен форум и Сојузот на средношколците – имаме заедничка намера да не дозволиме и овој случај да се заборави кога ќе згасне медиумскиот интерес, туку кон прашањето да се пристапи системски“, се вели во заедничкото соопштение.
Од таму апелираа дека „ги охрабруваме сите ученици да пријават вакви искуства и заедно да извршиме притисок за институционално справување со овој проблем“.
„Поради многуте проблеми со кое со соочува образовниот систем, кадарот што ги крши основните педагошки начела и закони во својата работа несомнено придонесува за очигледната дисфункционалност на образованието, слабите резултати и трауми кај учениците. Училиштата мораат да бидат безбедна средина за своите ученици“, стои во соопштението.