Интегрален текст на заклучоците што ги усвои Собранието:
Во текот на преговорите за пристапување, се до нивното завршување со склучување на Договор за пристапување на Република Cеверна Македонија во Европската Унија и по приемот на Република Cеверна Македонија во полноправно членство во Европската Унија, Владата нема да прифати да разговара за поинакво решение за македонскиот јазик од тоа наведено во Преговарачката рамка.
Собранието на Република Cеверна Македонија, поаѓајќи од стратешките и националните интереси за членство на Република Cеверна Македонија во Европската Унија, ја задолжува Владата на Република Cеверна Македонија, да ги продолжи разговорите со Европската Унија со цел да се деблокираат евроинтеграциските процеси и да се усвои Преговарачката рамка со вградени европски принципи и стандарди, како и Копенхагенските критериуми за членство, согласно со спецификите и постигнатите резултати на Република Cеверна Македонија.
Се задолжува Владата на Република Cеверна Македонија, преку државната делегација за преговори со Европската Унија, Секретаријатот за европски прашања, Министерството за надворешни работи и експертскиот преговарачки тим доследно да се придржува кон определбата за безусловно почитување на јазичните, идентитетските, историските и културните особености на Македонскиот народ, како елементи за кои не се преговара со Европската Унија. Преговорите да се водат на рамноправна и принципиелна основа, почитувајќи ги нормите на меѓународното право, со безрезервно почитување на достоинството и посебноста на Македонскиот народ, како и во целосна согласност на Резолуцијата, усвоена од Собранието на Република Cеверна Македонија, на 29 јули 2021 година.
Се задолжува Владата на Република Cеверна Македонија:
А. Во Преговарачката рамка, македонскиот јазик да биде наведен без какви било објаснувања, додавки или фусноти.
При склучувањето на какви било договори, спогодби и документи со Европската Унија кои содржат јазична одредба со поименично наведување на сите официјални јазици на Европската Унија, како што е договорот за соработка со Фронтекс, истите да се потпишат со поименично наведување на македонскиот јазик, без какви било објаснувања, додавки или фусноти.
Во текот на преговорите за пристапување, се до нивното завршување со склучување на Договор за пристапување на Република Cеверна Македонија во Европската Унија и по приемот на Република Cеверна Македонија во полноправно членство во Европската Унија, Владата нема да прифати да разговара за поинакво решение за македонскиот јазик од тоа наведено во Преговарачката рамка. Со приемот на Република Cеверна Македонија во полноправно членство во Европската Унија, македонскиот јазик да стане еден од службените јазици на Европската Унија без какви било објаснувања, додавки или фусноти.
Б. Билатералните прашања поврзани со билатералните договори за добрососедските односи кои не се директно поврзани со правото на Европската Унија и со Копенхашките критериуми за членство да не бидат одредници од кои ќе зависи отворањето и затворањето на поглавјата и кластерите во текот на пристапните преговори со Европската Унија.
В. Преговарачката рамка да се усвои веднаш на почетокот на пристапните преговори со Европската Унија, пред првата политичка Меѓувладина конференција.
Г. За одржувањето на првата Меѓувладина конференција за отворање на пристапните преговори и скрининг процесот и следната Меѓувладина конференција за комплетирање на отворачката фаза на преговорите, согласно со предлогот на Француското претседателство со Европската Унија, да се донесат одлуки веднаш за да истите не зависат од донесување на дополнителни одлуки од страна на земјите – членки.
Се задолжува Владата на Република Cеверна Македонија горенаведените заклучоци да ги вгради во Отворачката Изјава на Република Cеверна Македонија на првата Меѓувладина конференција со Европската Унија.
Се задолжува Владата на Република Cеверна Македонија да го информира Собранието на Република Cеверна Македонија за конечно усогласената и усвоена Преговарачка рамка и другите документи кои ги усвојува Советот на Европската Унија, како и редовно и континуирано да го информира Собранието за текот на пристапните преговори, вклучително и процесот на скрининг како прва отворачка фаза на пристапните преговори, како и за одвивањето на Меѓувладините конференции за пристапувањето на Република Cеверна Македонија во Европската Унија.
Овие заклучоци ќе се достават до претседателот на Република Cеверна Македонија и до Владата на Република Cеверна Македонија.
Овие заклучоци ќе се објават во „Службен весник на Република Cеверна Македонија”.