Од денеска субвенција за вграден плински уред во возилата понови од 2005 година

45

За оваа намена Министерството за економија денеска ќе објави јавен повик за субвенционирање на дел од трошоците што ќе трае 60 дена и ќе се одвива по принципот „прв дојден прв услужен“. Надомест на дел од трошоците ќе се врши за само едно возило во едно семејство. За оваа мерка од Буџетот на Министерството за економија се предвидени 11 милиони денари или 178 000 евра со што ќе можат да бидат опфатени околу 600 граѓани.

За да добијат субвенции, сопствениците на возила произведени од 2005 година па наваму треба да извршат купување и вградување уред за погон на ТНГ, метан или друг вид алтернативно гориво во возилата, по денот на објавувањето на јавниот повик во некои од фирмите кои вршат продажба и вградување на таквите уреди. Со така преправеното возило сопственикот треба да се упати во техничка служба која ќе ја констатира преправката и сопственикот ќе биде упатен во МВР каде треба да се пријави преправката, објасни вчера министерот за економија Крешник Бектеши.

 

Во МВР, појасни, на сопственикот ќе му се издаде упатница која треба да ја достави до техничката служба за да биде направена проверка на направената преправка. Техничката служба го прегледува возилото, изготвува записник и издава потврда за сообразност на вградениот уред и пропратно писмо. Со потврдата и писмото сопственикот се упатува на шалтер на МВР каде добива нова сообраќајна дозвола во која е евидентирана преправката, односно дека е монтиран уред за погон на ТНГ, метан или слично.

Откако граѓанинот ќе ја добие новата сообраќајна дозвола во која е внесена измената на погонското гориво за пријавување на јавниот повик во архивата на Министерството за економија треба да достави пополнето барање и изјава од подносителот, фискална сметка со сметкопотврда, копија од сообраќајната дозвола за возилото заверена на нотар во која е евидентирана промената, фотокопија од лична карта и број на трансакциска сметка, каде Министерството за економија ќе ги уплати средствата од субвенцијата.

Оваа мерка првпат беше спроведена во 2019 година кога беа субвенционирани 731 граѓанин кои вградија вакви уреди во своите возила. Минатата година оваа мерка не беше спроведена заради пренамената на предвидените средства за поддршка на најпогодените граѓани и компании од ковид кризата.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content