Одлуката на Комисијата зависи од проценката на целокупната епидемиолошка ситуација и на параметрите, но и од предвидувањата и информациите за КОВИД-соевите како индискиот, кои се потенцијален ризик за државата.
Во меѓувреме, бројот на заразени стивнува, а вакцинирани се речиси 228.000 граѓани.
Поради ова, надлежните очекуваат ублажување на мерките од идната недела. Владината Група за процена, пак, вчера едногласно реши да предложи продолжување на кризната состојба на територијата на Република Северна Македонија, заради заштита на јавното здравје во услови на КОВИД и спречување на неговото ширење.
– Земјаќи ги предвид бројките кои укажуваат на многу брзо стивнување на епидемијата, јас сум оптимист дека следната недела ќе има ублажување на мерките. Не би сакал да шпекулирам кои мерки конкретно. Меѓутоа, сите мерки кои се преземени, ќе подлегнат на уште една дополнителна ревизија. Ние како Министерство за здравство и како Влада, едвај чекаме да ги повлечеме мерките, но без да го ризикуваме здравјето на нашите граѓани, изјави заменик-минисерот за здравство Илир Хасани.
Во однос на и натаму големиот број смрни случаи, заменик-министерот смета дека е очекувано тој да се намали две, три, а можеби и четири недели по намалувањето на бројот на новозаболени пациенти.
Имунизацијата се одвива непречено на сите пунктови низ државата. Интересот секојдневно се зголемува, а досега бројот на лица кои изразиле желба за вакцинација преку веб платформата http://vakcinacija.mk е 425.422 граѓани. Вкупно се аплицирани 267.167 дози вакцини, а ревакцинирани се 54.600 граѓани. Со последните бројки, 46 отсто од населението над 70 години и 40 проценти од населението над 65 години има примено барем една доза вакцина.
Масовна вакцинација се спроведува во А1 СЦ Борис Трајковски во Скопје, како и во спортските сали во Кавадарци, Куманово, Тетово, Штип, Битола, Струмица, Охрид, Велес и Прилеп.
Премиерот Зоран Заев кој вчера ја прими втората доза „Синофарм”, уште еднаш ги повика граѓаните кои се уште не се регистрирале на порталот vakcinacija.mk тоа да го сторат што побргу, за да се постигне колективен имунитет. Апел за регистрирање и вакцинација ушпати и министерот за здравство.