Сенката на „францускиот предлог“ од Македонија за парадата во Париз

Франција, на 14 јули со традиционална воена парада на авенијата Шанзелизе го одбележа Денот на Бастилја, националниот празник што симболизира почеток на Француската револуција. Годинашната свеченост имаше силна порака за европската безбедност и поддршката за Украина. На свеченоста присуствуваа украинскиот претседател Володимир Зеленски и уште 24 шефови на држави и влади од европските земји-членки на Коалицијата на подготвените. Меѓу нив се германскиот канцелар Фридрих Мерц, италијанскиот претседател Серџо Матарела, данската премиерка Мете Фредериксен и британскиот премиер Кир Стармер, а од лидерите во македонското регионално опкружување, тие денови во Париз присуствуваа  српскиот претседател, Алекдандар Вучиќ и хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ.

Македонија на овој очигледно важен европски собир во Франција, чиј повод се 237-те години од Француската револиција, ја претставуваше вицепремиерот во Владата иминистер за европски прашања – Беким Сали.

Од македонската влада велат, дека премиерот Христијан Мицковски бил поканет на одбележувањето на 237 години од падот на Бастиља во Париз, но поради активностите и обврските околу реконструкцијата на Владата, која се случуваше токму во тој период (на почетокот на неделава), било одлучено министерот Сали да ја претставува Македонија на тој неформален европски лидерски собир во Франција.

Престедателката Годрана Сиљановска-Давкова достојно и со почит присуствуваше на настаните што амбасадата на Франција ги организираше во земјава, по повод нивниот национален ден, на 14 јули. Упати „искрени честитки до претседателот Емануел Макрон и до францускиот слободарски народ!“, дискретно потсетувајќи ги Французите во длабоката верба на нивната Француската револуција во „слободата, братството и еднаквоста“. Македонската претседателка не пропушти да ја спомене непресушната демократска инспирација на „Француската декларација за слободите и правата на човекот и граѓанинот“, во што искусните дипломати препознаа потсетување, меѓу редови дека токму тие права на човекот и граѓанинот се доведени во прашање за македонските граѓани, во процесот на пристапувањето на Македонија кон ЕУ.

Забележливо беше дека македонскиот државен врв ја изрази почитта кон историските вредности на Франција, една од водечките земји во Европската Унија, но никој од највисоките државни претставници не беше присутен во Париз, каде очигледно парадата била само повод за планови на уште едно ново геополитичко престројување на ЕУ.

Претседателката Сиљановска -Давкова, во својата честика за националниот ден на Франција, навистина наведе дека „македонско-француското пријателство втемелено на меѓусебна почит, особено се гради во рамките на Франкофонијата, како и низ богатата образовна, научна и културна размена“, но сепак од 2022 година во тоа пријателство некако се чувствува сенката на т.н. француски предлог. Така, колоквијално во земјава се нарекува оној документ на ЕУ, што би требало да биде преговарачка рамка за Македонија, во кој како услов за започнување на преговорите со Европската Унија се бараат уставни измени, за нереципрочно внесување на Бугарите во македонскиот Устав. Под „нереципрочно“ се подрзабира – Македонија да ги внесе Бугарите во својот Устав, а Бугарија и понатаму да го негира постоењето на Македонците и во својата држава, но и во Македонија. Всушност, во однос на македонските евроинтеграции, Франција во неколку наврати принципиелно потфрли, изневерувајќи ги и сопствените принципи, т.е. на Француската револуција –  „слободата, братството и еднаквоста“, како и на Декларација за слободите и правата на човекот и граѓанинот. Во последниве 7-8 години, еднаш со ветото за почеток на преговори со ЕУ од страна на францускиот претседател Макрон, во 2018 година, и тоа веднаш по Преспанскиот договор и промената на уставното име на Македонија, што дотогаш беше наведувано како „последна пречка“ за Унијата… И подоцна со т.н. француски предлог, всушност предлог преговарачка рамка за Македонија, донесена за време на француското претседателство со Советот на Европската Унија, во 2022 година.

„Падна во очи фактот дека во Париз, на одбележувањето на францускиот национален празник-Падот на Бастилја, не бевме, односно Македонија не беше застапена на највисоко ниво. Тоа во домашната јавност отвори одредени дискусии.

Би бил пресреќен доколку нашето „второстепено“ присуство (ниво на вицепремиерот и министер за европски прашања) беше намерно и демонстрација на незадоволството од неприфатливите и штетни француски политики спрема Македонија. Но, чинам дека тоа беше само резултат на домашните политички проблеми во земјава.

Македонија сè уште нема такво ниво на надворешна политика, сите чекори да бидат одраз на нашите интереси, показ на нашето (не)задоволство од туѓите политики. Цел свет се однесува така и крајно време е и Македонија да го користи тој начин на изразување на своите политички интереси“, вели искусниот македонски дипломат, Ристо Никовски.

Јасминка Павловска

 

 

 

 

 

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј
Skip to content