За првпат во Македонија воведена напредната метода „CoroFlow“ за откривање на нарушувања во микроциркулацијата на срцето
На Клиниката за интервентна кардиологија во ГОБ „8 Септември“ денеска за првпат во Македонија е воведена современата метода CoroFlow, софистициран софтверски медицински систем кој овозможува детектирање на дисфункција во микроциркулацијата на срцевиот мускул.
Информацијата ја објави доктор Златко Јовановски на својот Фејсбук профил, притоа потенцирајќи дека станува збор за значаен исчекор во македонската кардиологија.
-Денес во ГОБ „8 Септември“, Интервентна кардиологија, за првпат во Македонија се воведе новата метода „CoroFlow“, софистициран софтверски медицински систем за детектирање дисфункција во микроциркулацијата на срцевиот мускул. Честитки за тимот, напиша Јовановски.
Методата „CoroFlow“ овозможува попрецизна проценка на состојбата на коронарната микроциркулација, што може да придонесе за подобра дијагностика и третман на пациентите со срцеви заболувања кај кои класичните испитувања не секогаш ги откриваат причините за симптомите.
Воведувањето на оваа технологија претставува важен чекор кон модернизација на кардиолошката дијагностика и примена на најсовремени медицински практики во македонското здравство.
