Тошковски: Го одложуваме новиот Закон за внатрешни работи за СДСМ да остане и без последното алиби за изборниот дебакл што ги очекува

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски во вечерашното гостување на емисијата “За или против“ на ТВ АЛФА најави дека ќе предложи до пратениците во Собранието одложување на примената на новиот Закон за внатрешни работи и измените на Законот за полиција, со цел тие да стапат во сила по завршување на следниот изборен процес.

Оваа најава следува по обвинувањата на опозициската СДСМ дека полицијата се партизира и дека новиот Закон за внатрешни работи е противуставен. Тошковски оцени дека станува збор за обид на опозицијата однапред да создаде алиби за изборниот пораз што, според него, ја очекува на наредните парламентарни избори.

„За да не им се даде алиби и да не им се остави простор да критикуваат и да бараат излезно сценарио, ќе предложам до пратениците во Собранието, најбрзо што може, измена со која и новиот Закон за внатрешни работи и измените на Законот за полиција ќе се одложат и ќе стапат во сила по завршување на изборниот процес“, изјави Тошковски.

Министерот посочи дека, со оглед на тоа што редовните парламентарни избори би се одржале за околу две години, законите би требало да стапат во сила по истекот на тој период, односно по завршување на изборите. Според него, целта е изборниот процес да се одвива според истите правила кои важеле и досега, без можност опозицијата да тврди дека законските измени влијаеле врз условите за избори.

„Сè со цел да не им дозволиме ни најмала излезна варијанта во насока на наоѓање алиби кое би го оправдало нивниот дебакл на наредните парламентарни избори“, нагласи Тошковски.

Тој додаде дека СДСМ, откако го изгубиле аргументот поврзан со техничката Влада, сега се обидуваат политичкиот фокус да го пренасочат кон новиот Закон за внатрешни работи.

„Претходно беше техничката Влада. Еве, сега остана техничката Влада за наредните избори. Денеска со соопштение се фокусирани на МВР и наводно противуставниот закон кој тие го детектирале, па сега тоа било проблем. Не смееме да дозволиме какво било алиби кое утре би можело да им биде основ да се повикуваат дека законот бил сменет и дека не им биле овозможени услови какви што тие барале“, рече министерот.

Тошковски истакна дека предложените законски решенија се значително подобри од постојните, но дека во интерес на политичката одговорност и јавната доверба, нивната примена ќе биде одложена.

„Законските измени се неспоредливо подобри во однос на оние кои ги имавме со старото законско решение, но факт е дека нападот од страна на опозицијата е фокусиран токму тука“, посочи Тошковски.

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј
Skip to content