Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, денеска се обрати на отворањето на Третата регионална конференција на сметководители и овластени сметководители, што се одржува во организација на Институтот на сметководители и овластени сметководители, под мотото „Генерација со визија – Професија со иднина“.
Во своето обраќање, министерот Андоновски истакна дека дигиталната трансформација не е само технолошки процес, туку суштинска промена во начинот на кој државата, бизнисот и граѓаните комуницираат меѓу себе. Тој нагласи дека целта е помалку хартија, помалку шалтери, помалку повторување на исти податоци и значително помалку изгубено време за граѓаните и компаниите.
„За бизнисот, дигиталната трансформација значи побрзи постапки, пониски административни трошоци, помалку неизвесност и повеќе време за работа, инвестиции и развој. Бизнисот не треба да биде курир помеѓу институциите. Податоците треба да се движат, а не граѓаните и компаниите“, порача Андоновски.
Министерот посочи дека платформата за интероперабилност е еден од клучните механизми преку кои институциите се поврзуваат, нивните системи меѓусебно комуницираат, а податоците што веќе постојат во една институција можат, согласно закон и со соодветна заштита, да се користат од друга институција.
Во тој контекст, Андоновски информираше дека е забележан околу 120% раст на трансакциите на платформата за интероперабилност, што, според него, покажува дека институциите сè повеќе ги користат дигиталните канали за размена на податоци и дека системот постепено станува реална поддршка за поефикасна администрација.
„Интероперабилноста не е само технички проект. Таа е економска мерка, мерка за подобра деловна клима и начин да им помогнеме на компаниите да бидат попродуктивни, а институциите побрзи, попрецизни и поодговорни“, истакна министерот Андоновски.
Тој додаде дека секое намалување на административниот товар директно ја олеснува работата на сметководителите и на компаниите што тие ги поддржуваат, имајќи предвид дека нивната секојдневна работа е поврзана со рокови, документи, извештаи, финансиски податоци, даночни обврски, регистрациони постапки и комуникација со повеќе институции.
Посебен акцент во обраќањето беше ставен и на Националниот портал за услуги — uslugi.gov.mk, кој, како што истакна Андоновски, треба да биде централна точка преку која граѓаните и компаниите ќе можат полесно, побрзо и појасно да пристапуваат до услугите што ги нудат институциите.
„Националниот портал не треба да биде само дигитална табла со услуги. Тој треба да биде влезна врата кон поинаква јавна администрација — администрација ориентирана кон корисникот, кон поедноставување на постапките и кон реална услуга“, рече Андоновски.
