Мицкоски: Се водат преговори за надминување на пречките со ЕЕС системот

Премиерот Христијан Мицкоски најави дека Владата работи на долгорочно решавање на предизвиците поврзани со системот за влез и излез во Европската Унија (ЕЕС), нагласувајќи дека тековните разговори со соседните држави се одвиваат на билатерално ниво.

Според него, целта не е само привремено олеснување за време на летната сезона, туку изнаоѓање трајно и сеопфатно решение кое ќе ги отстрани пречките со кои се соочуваат граѓаните при преминување на границите. Мицкоски изрази уверување дека дипломатските напори ќе дадат резултат, потенцирајќи дека не сака да дава изјави со политичка реторика, туку да се фокусира на конкретни исходи.

Во однос на јавните реакции и критики, премиерот остана на својот став дека државата има сериозен туристички потенцијал. Тој повтори дека домашните дестинации, езерата, планините и руралните средини, нудат квалитетна алтернатива за летен одмор, без разлика на подбивите кои, како што рече, доаѓаат од одредени кругови.

И министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски се осврна на темата, посочувајќи дека комуникацијата со земјите од регионот и со институциите на Европската Унија е засилена. Тој информираше дека во рамки на повеќе регионални и европски иницијативи се разгледуваат можности за намалување на метежот на граничните премини.

Според најавите, конкретни чекори за олеснување на протокот на патници се очекуваат во текот на летните месеци, кога традиционално се зголемува фреквенцијата на сообраќајот.

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј
Skip to content