Основниот кривичен суд во Скопје денеска донесе пресуда со која тројца полициски службеници од Кочани и нивниот командир се прогласени за виновни за злоупотреба на службената положба, во случај поврзан со постапувања околу контроли во угостителски објекти.
Судот изрече условни казни за сите обвинети: Кире Богатинов и Горан Лазаров добија по една година затвор, додека командирот на Полициската станица во Кочани, Александар Темелков, беше осуден на условна казна од две години. Казните нема да се извршат доколку во следните четири години не сторат ново кривично дело.
Ниту обвинетите, ниту нивните бранители не се појавија на изрекувањето на пресудата, што денеска се одржа во Кривичниот суд.
Образложувајќи ја одлуката, судијката Лидија Петровска посочи дека судот ги зел предвид како олеснителни околности нивното претходно неосудувано однесување, семејниот статус, како и фактот дека од нивните постапки не произлегла директна и непосредна штета поврзана со пожарот во дискотеката „Пулс“.
Во своето образложение, судот нагласи дека обвинетите формално ги извршувале службените обврски, но суштински ја пропуштиле нивната цел. „Кога постапувањето останува само на хартија, без реален ефект, тоа не може да се смета за извршена должност“, истакна судијката, додавајќи дека токму таквиот пристап овозможил да не биде поведена прекршочна постапка против одговорните лица во случајот.
Според судот, ваквото постапување довело до ситуација во која одредени субјекти биле практично ставени во поповолна положба, овозможувајќи им корист преку неповедување на законски постапки. Петровска нагласи дека правната држава се потпира на суштинско, а не формално спроведување на законот.
