Муцунски: ЕУ останува централната оска на нашата надворешна политика

Ако треба да ја сумирам надворешната политика во изминатите две години, тоа би било во три збора, а тие се: достоинство, резултати и визија – изјави денеска министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски пред Комисијата за надворешна политика во Собранието.

– Достоинство – затоа што националниот интерес не се брани со агресивна реторика, туку со јасни позиции, силни аргументи и институционална сериозност. Резултати – затоа што граѓаните со право очекуваат надворешната политика да носи видлива корист: инвестиции, безбедност, работни места, полесно патување и поголем углед во светот. Визија – затоа што државата мора да знае каде сака да биде за пет, десет и дваесет години. Не смееме само да реагираме на туѓи агенди. Мора да имаме сопствена – истакна Муцунски пред пратениците.

Министерот посочи дека владите и партиските состави се менуваат, но дека државата, граѓаните и националниот интерес останува и затоа надворешната политика мора да биде простор на национално единство, а не арена за партиски поени.

– Повикувам на одговорна дебата и на критика кога е потребна. Но повикувам и на консензус кога се брани државата. Нашата задача е Македонија да биде почитувана, безбедна, економски поврзана и европски интегрирана земја. Земја што не чека другите да ја дефинираат – туку самата ја пишува својата приказна. Земја што ги штити своите граѓани, ги почитува своите обврски и знае да ги брани своите интереси – рече Муцунски.

Во своето експозе тој истакна дека малите држави како нашата не може да си дозволат луксуз на хаос дома кога настапуваат пред светот. – Кога нè слушаат во Брисел, во Вашингтон, во Атина или Софија – мораме да говориме со еден глас за најважните прашања. Не за сите. Но за оние оние што ја определуваат судбината на државата немаме луксуз за конфликт – рече Муцунски.

Муцунски Собрание

Периодот 2024 – 2026 година, како што рече, го обележа важна трансформација на нашата дипломатија. Со преземањето на надлежностите за надворешна трговија Министерството доби нова улога – и нова одговорност и денес тоа не е само институција за политичка комуникација со странство, туку, вели, центар за координација на меѓународниот настап на државата: политички, економски, трговски, инвестициски и развоен.

– Затоа што современата дипломатија не се мери со бројот на средби, туку со тоа дали тие средби носат инвестиции, работни места, енергетска сигурност, нови пазари и поголем углед. Дипломатијата мора да отвора врати за македонските компании, да гради партнерства за инфраструктура, да привлекува технологии и да ја позиционира земјата онаму каде што се носат одлуките – рече Муцунски.

Министерот потенцира дека европската интеграција останува централната оска на нашата надворешна политика, но дека нашиот пристап е јасен: Европската Унија не смее да биде само далечна политичка цел, туку дека таа мора да биде процес што носи конкретни придобивки за граѓаните – уште денес.

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј
Skip to content