Сиљановска-Давкова: Не треба да чекаме децении за ЕУ, некогаш има поместувања и кога јавноста тоа не го гледа

Не треба да чекаме децении за Европската Унија, напротив некогаш движење има и кога не е пред очите на јавноста, а од изјавите на нашите соседи може да се заклучи дека не мируваме, работиме, но не секогаш тоа се гледа, порача вечерва претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

-Морам да напоменам дека кога се цитира изјавата на премиерот Мицкоски, се заборава дека не беше таква што ја повторуваме сите, туку поврзана со „доколку“ во односите со Бугарија. Не мислам дека децении треба да чекаме, напротив, некогаш движење има и кога не е пред очите на јавноста. Би било пред очите на јавноста кога јас би била професорка, но како претседателка многу работи заради суштината на дипломатијата, не мора да се случуваат јавно. Тоа не значи дека ги нема. Во политиката може посредно преку изјавите на нашите соседи, а многу читам деновите, од тоа дека сме имале клучно влијание на господинот Вајц, па дека сме ги информирале, дека министерот за надворешни работи и надворешна трговија Муцунски чевлите ги изабил одејќи, може да се заклучи дека не мируваме, работиме, но не секогаш тоа се гледа – истакна Сиљановска Давкова во емисијата „Клик Плус“ на ТВ 21.

Рече дека секогаш имала добри односи и водела долги разговори со поранешниот претседател на Бугарија Румен Радев иако имале различни ставови и додаде дека не секогаш остануваат тврдите ставови по некое прашање, како на Радев за нашето членство во ЕУ, кога ќе се преземе одговорноста за водење на државата, доколку успее во тоа.

Македонија, додаде, не само што чекори рамо до рамо со водечките кандидати за членство во Европската Унија, туку во одредени сегменти е и пред некои од нив и нагласи дека пристапниот процес треба да се води врз основа на факти и критериуми, а не на, како што рече, ирационални барања.

-Зборуваме за политика заснована на докази, а не на ирационални услови. Тоа покажува дека не само што сме рамо до рамо со главните претенденти за брзо членство во ЕУ, туку сме и подобри од некои од нив – истакна Сиљановска-Давкова.

Посочи дека македонското законодавство во голема мера е усогласено со европското, што, според неа, е дополнителен аргумент за напредокот на државата во евроинтегративниот процес, но сепак предупреди дека и покрај исполнувањето на условите, процесот може да биде блокиран од страна на земјите членки.

-И најбрзите кандидати може да ги затворат кластерите и поглавјата, но утре повторно некоја членка може да стави вето и да отвори прашања што немаат врска со Копенхашки критериуми, туку се поврзани со историјата и културата, рече таа.

Според претседателката, токму ваквите прашања не треба да бидат дел од преговарачкиот процес и за нив не се потребни дополнителни гаранции.

Во однос на можните решенија, Сиљановска-Давкова посочи дека понекогаш е потребна креативност и флексибилност во толкувањето на одредени протоколи, но без да се навлегува во детали во јавноста.

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј
Skip to content