Осум години Преспански договор, спорен компромис со оспорен национален идентитет

Покрај сите непринципиелности на Преспанскиот договор, неговите поддржувачи како најголема придобивка во овие осум години, секогаш го истакнуваат моментот што Македонија стана членка на НАТО алијансата. Сепак никој од нив не споменува колку „жртви“ мораше да понесе земјата за ваквото членство.

НАТО како главна придобивка, платена со оспорен националниот идентитет

Кога Македонија во 1991 година прогласи независност од поранешната Социјалистичка федеративна република Југославија (СФРЈ), Грција веднаш се спротивстави на употребата на името „Македонија“, тврдејќи дека тоа претставува присвојување на историското и културното наследство на грчката област Македонија и дека може да содржи територијални претензии. Затоа државата беше примена во Обединети нации под привремената референца „Поранешна Југословенска Република Македонија“ (ФИРОМ). По политичката криза и изборите, во мај 2017 година, во Македонија беше формирана Владата предводена од Зоран Заев, во Грција пак, премиер беше Алексис Ципрас од партијата Сириза. На 12 јуни 2018 година Заев и Ципрас објавија дека е постигнат договор кој беше потпишан пет дена подоцна, на 17 јуни 2018 година. По ова, Македонија стана 30-та членка на НАТО, но договорот не го отвори патот и кон Европската Унија.

Пензионираната универзитетска професорка Билјана Ванковска, која од почеток се спротивставуваше на потпишувањето на Преспанскиот договор, и осум години подоцна останува на ставот дека „го трампавме уставниот суверенитет, идентитетот, па дури и АСНОМ за влез во воена алијанса“. За негово евентуално раскинување смета дека решението е во „политичката волја, интегритет и знаење на меѓународното право“.

„Осум години подоцна, стојам на позициите на преку 200-те интелектуалци (меѓу кои и денешната претседателка), кои уште во февруари 2018 предупредуваа да не се потклекне пред притисокот на Западот и Атина. Сѐ што кажавме излезе вистина, го трампавме уставниот суверенитет, идентитетот, па дури и АСНОМ за влез во воена алијанса. Наместо ‘тапија за државност’ станавме колонија, која е сега предмет на уште подрска уцена од Софија и ЕУ. Наместо ‘европско бесплатно здравство’ издвојуваме повеќе буџетски средства за војување. Лично никогаш нема да го заборавам тој протест и сите што следуваа, но добар дел од граѓаните се помирија со судбината. Политичарите покажаа дека ниту знаат нешто за дипломатија, ниту се патриоти. Во претседателската кампања во 2019, Сиљановска ветуваше врвен тим на професори по меѓународно право како консултанти за оспорување и напуштање на Преспанскиот договор. Едниот од тие луѓе денес има 95 години, а другиот почина. Претседателката ја заборави идејата, ако воопшто и ја имала. Жално е да се гледа на што се сведе државата и колку е кроток и лесен за лажење нашиот народ. Решението е во политичката волја, интегритет и знаење на меѓународното право. Но кај политичката каста нема да најдете ниту еден од трите услови“, вели за МКД.мк професората Ванковска.

Меѓу договореното и реалноста

Според договорот, меѓу другото, Македонија доби ново име кое мора да се користи и за внатрешна и за меѓународна употреба, а придавката останува македонски/македонска. Сепак, употребата на придавката македонски/македонска во пракса сѐ почесто се злоупотребува.

Последните примери на официјалната употреба на придавката „северномакедонски“ доаѓаат од официјални документи на Австралија и на Соединетите Американски Држави (САД) каде без никакви резерви се употребува зборот „северномакедонски“ кога се однесува на македонската социјална политика, на македонско министерство, на плаќање, на партнерство. МКД.мк веќе пишуваше дека вакви примери има и на официјалната веб-страница на француското министерство за надворешни работи, на веб-страницата на Делегацијата на Европската Унија (ЕУ) во Македонија.

Па така во насловот на текст за солидарноста на ЕУ за време на пожарите во Македонија пишува, “Солидарност во акција: клучна помош од ЕУ во северномакедонската борба против шумските пожари“

Македонското Министерството за надворешни работи, на 22 февруари 2019 објави упатство за медимуите во кое се наведува дека “придавката „македонски/o/a се употребува кога е поврзано со етнички и културен идентитет за народот, нашиот јазик, историја, култура, наследство, територија и останати особености. Ваквите термини во овој контекст се особено различни од оние што се употребуваат и се поврзани со регионот на Македонија во Грција“.

Преспански договор, пак, во член 7, став 3 го гарантира македонскиот идентитет.

„Во однос на Втората страна, овие термини (се однесува на „Македонија“ и „македонски“) ја означуваат нејзината територија, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура и наследство, кои се особено различни од оние кои се наведени во член 7, став 2“, пишува во Преспанскиот договор.

И покрај ова, политичкиот аналитичар, Петар Арсовски вели дека Преспанскиот договор е најдобриот компромис што можел да се направи во времето кога тој беше потпишан.

„Преспанскиот договор е најдобриот компромис што можеше да се направи во тој момент кога истиот беше потпишан. Можеби претходно имавме можност и за други решенија, но како што одминуваше времето, така можноста за подобри решенија се стеснуваше. По потпишувањето на договорот тензиите меѓу двете земји се намалени. Грките власти засега молчат. Сепак, се плашам дека откако ќе го решиме спорот со Бугарија, а поради пасивно-агресивниот отпор на македонските власти да го употребуваат името договорено со Преспанскиот договор и во зависност од локалните прилики, тоа во иднина може да предизвика нови проблеми во односите со Грција“, вели за МКД.мк Арсовски.

По стапувањето на договорот во сила, Македонија ги исполни скоро сите обврски што произлегуваат од договорот, како што се промената на уставното име, менување на пасошите, регистарските таблички, менување на имињата на државните и локалните институциите, претходно се обврза дека нема да се користи знамето и симболот на сонцето од Вергина…Грција пак, доцни во спроведувањето на договореното. Така, трите меморандуми за соработка потпишани во 2019 година, сè уште не се ратификувани во грчкото Собрание. Освен ова, не е одржан ниту вториот Совет на високо ниво помеѓу македонскиот премиер Христијан Мицкоски и неговиот грчки колега Киријакос Мицотакис.

Виенската конвенција и раскинување на меѓународниот договор

Ако сака, Македонија може да го раскине Преспанскиот договор. На тоа упатува Виенската конвенција според која, меѓународните договори мора да се склучуваат со добра волја. Доколку се работи за принуда, поткуп или надворешен притисок, договорот може да се смета за неважечки.

Впрочем на тоа укажа и професорот Френсис Ентони Бојл кој уште во 2019 година, веднаш по усвојување на Преспанскиот договор во македонското Собрание, кажа дека на Македонија како правна опција за раскинување на договорот ѝ стои Виенската конвенција за договорно право.

„Имајќи ги предвид сите правни и политички контроверзии, кои го следеа Преспанскиот договор во Република Македонија, од неговото потпишување, преку неуспешниот референдум, начинот на кој е постигнато двотретинското мнозинство во парламентот и начинот на промулгација на Законот за ратификација на договорот, сметам дека може да се искористи членот 46 од Виенската конвенција за да се оспори договорот. Значи, ги нагласувам делот на евидентноста на кршењето на внатрешното право и тоа во врска со одредби од фундаментално значење! Во конкретниот случај, јасно е дека повредите на националното право во Македонија биле ‘евидентни/видливи’ за Грција. А повредите на вашиот Устав секако претставуваат ‘одредби со фундаментално значење’. Така, како прелиминарна оцена, и без продлабочено анализирање на спецификите на вашиот случај, веднаш ми се наметнува заклучокот дека некоја идна влада би можела да го поништи договорот врз оваа правна основа, а во контекст на Виенската конвенција. Верувам дека ова е добар аргумент од кој може да се почне анализата на слабостите вградени во овој договорен однос. Верувам дека анализата би покажала и други можни правни основи за поништување на договорот, но за почеток би тргнал од оваа одредба. Важно е дека и Македонија и Грција се држави-потписнички на Виенската конвенција и се должни да ја почитуваат“, напиша професорот Бојл во 2019 година.

Во делот на ништовност на договорите, Виенската конвенција меѓу другото предвидува дека кршењето на еден меѓународен договор „се смета за очигледно ако е објективно јасно за секоја држава, која во врска со тоа се однесува во согласност со вообичаената практика и во добра верба“.

„За целите на оваа конвенција, императивна норма на општото меѓународно право е нормата што ја прифатила и признала целокупната меѓународна заедница на држави, како норма од која не е дозволено никакво отстапување и која не може да се измени со нова норма од општото меѓународно право со ист карактер“, се наведува во членот 53 на Виенската конвенција.

Искра Опетческа

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј
Skip to content