СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Економија

Македонските текстилни компании пред колапс, не се атрактивни во Европа

Сопствениците на компаниите за кризата во текстилството го вперуваат прстот и кон државата. Рецесијата во Германија ги намали нарачките за фабриките во Штип, а последица од иселувањето е што речиси нема млади работници. Од здружението „Гласен текстилец“ сугерираат дебата меѓу засегнатите страни за да се најде решение.

На 26.000 вработени, колку што сега брои текстилната индустрија во земјава, им се заканува етапно отпуштање доколку продолжи трендот на намален обем на работа. Тоа се должи на фактот дека сѐ повеќе европски брендови, пред сѐ од Германија, го напуштаат македонскиот пазар и инвестираат во земји како Мароко и Египет каде има поевтина работна сила, предупредува Ангел Димитров кој е дел од Организацијата на работодавачи и има сопствена текстилна компанија.

Тој објаснува дека четири до пет поголеми компании од Штип и неколку помали од крајниот исток веќе се соочуваат со сериозен недостиг на работа, а иако досега ниту една ваква фирма не затворила како резултат на откажувањето на соработката на европските брендови, сепак работниците стравуваат да не останат на улица.

Принудни одмори, страв кај вработените

„Намален обем на операции на работа имаме уште од август. Две недели бевме на принуден одмор бидејќи германска фирма откажала соработка, не се знаеше што ќе биде. Сега, добивме работа, добро е, но до кога, не се знае, стравуваме да не останеме без работа, бидејќи се шпекулира меѓу работниците дека во наредните месеци повторно ќе има фирми кои ќе ја откажат соработката“, вели шивачка вработена во поголема текстилна компанија во Штип со околу 200 вработени, која побара да остане анонимна, а слични искуства пренесуваат и други вработени.

„Не знаеме како ќе биде, кога е меѓусезона период август-септември речиси секогаш е вака – помалку операции се испраќаат од Германија, но по тој период, состојбите обично се нормализираат. Сега, иако сме октомври, повторно имаме помалку операции за работа и сопствениците немаат долгорочни договори со германските брендови, како што тоа беше случај порано“, додава друга вработена во текстилна фабрика во Штип.

Нема млади текстилни работници

Рецесијата во Европа, пред сѐ во Германија, според Димитров, е причината поради која долгогодишни бизнис-партнери од овие земји својот пазар го селат во Блискиот Исток, каде вели имаат помали трошоци, но и поевтина работна сила. Друг проблем пак кој го истакнува е и тоа што во земјава има реален недостиг од млада работна сила во текстилната индустрија и не се преземаат никакви активности во тој правец.

„Кај нас квалитетот не е проблем, кај нас старее работната сила, сѐ повеќе луѓе ќе заминат во пензија, ќе се намалува бројот на работници и странските брендови тоа го знаат, тие гледаат дека Македонија во овој момент ништо не прави тој процес да го реши, односно да се ублажат последиците. Така што, мислам дека ако не се Египет или Мароко, се знае дека Бангладеш, Пакистан, Виетнам и Индија се многу повеќе посакувани дестинации за европските брендови, затоа што мораме да бидеме реални – тие брендови сакаат да добијат евтина стока за да можат да ја продаваат на пазарот, така да ние полека веќе станавме скапи за шиење на текстил за европските брендови“, смета Димитров.

Токму немањето млада работна сила и се помасовното иселување, доведуваат до намалена продуктивност во конфекциите, а високите трошоци за извоз предизвикуваат селење на компаниите, смета Маријана Перковска од Текстилниот кластер.

„Точно е дека сме високи со цените поради недоволната продуктивност која се должи на масовното иселување и тоа што младите не сакаат да работат кај нас, но и поради монетарната политика што ја води државата. Кога се претставуваме на пазарите, ни бараат намалување на цените со оглед на тоа дека помина ковид-пандемијата и она што беше екстремно покачување на цените, но за жал кај нас извозниците не ги намалија цените и ние фактички имаме зголемени трошоци, а фиксен курс на еврото, па никако не можеме да споиме крај со крај“, објаснува Перковска.

Нема домашни брендови, се работи само по странски нарачки

И додека дел од инволвираните во текстилната индустрија гледаат проблем и во државата – во монетарната политика, големите трошоците, па компаниите се селат на Блискиот Исток, Кристина Ампева од граѓанското здружение за заштита на работничките права „Гласен Текстилец“ смета дека проблемот е во самите текстилни компании.

Ампева нагласува дека и кога државата им помагала на работодавците, посебно во време на ковид кризата, тие повторно им исплаќале минимални плати на вработените, без да се преземат активности на решавање на отворните проблеми во оваа индустрија, како што е незаинтересираноста на младите за текстилството.

Иако за разлика од Димитров и Перковска, Ампева тврди дека состојбата моментално не е толку катастрофална и се уште нема масовни отпуштања и затворања на фирми, а домашните конфекции успеваат да функционираат и со помал обем на работа, сепак нагласува дека недостасува долготрајно решение.

„Требаше порано да започнеме социјален дијалог, да ги видиме капацитетите со кои располагаме како држава, како источен регион, но работодавците избегнуваа разговори, мислеа единствено дека треба да добијат државна помош од народниот буџет и тоа е тоа. Не се гледаше како да се преориентираат, да имаме повеќе фирми кои ќе работат за сопствени брендови, текстилната индустрија да не значи само шиење, туку да значи и реупотреба на текстилниот отпад кој го имаме на тони, но очигледно полесно е јавно да се жалиме, отколку да седнеме на маса и да видиме до каде ни е состојбата“, вели Ампева за РСЕ.

Пред две недели пак во Штип се одржа традиционалната „Текстилијада“, на која гостуваа експерти од оваа индустрија од Шведска, со цел да ги споделат своите искуства и да споделат успешен пример.

Како шведскиот град Борос го решил истиот проблем

Ампева објаснува дека градот Борос во Шведска, кој сега е лидер во текстилното производство, претставува добар пример за тоа како еден град преку социјален дијалог успеал да ја надмине кризата и да ги реши проблемите во текстилната индустрија.

„Имавме претставници од шведскиот град Борос кои ни објаснија дека и кај нив во 60-тите и 70-тите години од минатиот век имало масовни иселувања. Но за разлика од овде, таму сите синдикални организации и експерти од областа седнале на маса да бараат заедничко решение за подобрување на состојбите, па денеска градот Борос е број еден во текстилната индустрија, но кај нас очигледно полесно е да бараме помош од државата наместо да седнеме на иста маса и да си ги решиме проблемите“, додава Ампева, која цврсто стои на ставот дека со искористување на домашните ресурси и дебата за проблемите со вклученост на сите страни, текстилната индустрија во земјава поседува доволен капацитет повторно да заживее.

Токму сите овие фактори пак – иселувањето, пензионирањето на повозрасните работници без соодветна замена со помлад кадар, отпуштањето на работниците поради дефицит на работа, доведуваат до една неславна статистика во земјава. Официјалните бројки на организацијата на работодавачи покажувaат дека од некогашните 65.000 вработени во текстилната индустрија пред 2010 година, денеска текстилството брои 26 .000 вработени, чија судбина пак и натаму останува неизвесна.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content