СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Локално

Анкета во Прилеп: Животот е крпен, младите заминаа во странство, не работат за минимална плата

Сликата за тоа како се живее во Прилеп, пред камерата на „Слободен печат“ ја пренесуваат директно граѓаните кои ги анкетиравме шетајќи низ прилепската чаршија. Работа можеби има, но платите се минимални, младината е разочарана од условите за живот во градот и си заминува. Првата дестинација е Скопје, каде најчесто одат на студии и има повеќе можности за работа и за заработувачка, а втората опција е емиграција во странство.

Иако во Прилеп работат неколку гиганти во своите сектори како Пивара, Мермерен комбинат, Тутунскиот комбинат, Витаминка, Микросам и други, сепак граѓаните велат дека се исплаќа минимална плата која секако не е доволна за достоинствен живот и во овој помал град.

Тажно е да се гледа празната чаршија, велат трговците. Дури и на пазарен ден во среда и во сабота, нема раздвиженост, ниту промет. Граѓаните ги одминуваат дуќаните, полни со секаква роба, но цените кои ги диктира пазарот и општата скапотија на енергенсите, не дозволуваат трошење освен за неопходните намирници за да се помине секојдневието.

Градот кој е симбол на непокорот и хероизмот последниве години е празен, апатичен овие зимски денови, во очекување живоста да се врати во престојниот летен период кога иселениците се враќаат назад во татковината.

Се испразнија дури и училиштата зошто заедно со родителите секоја година стотина деца заминуваат во странство во надеж за подобри услови и посветла иднина, оставајќи го градот под Марковите кули да живурка и да се надева дека ќе доживее подем.

Меѓу последните проекти со кои се пофали Општина Прилеп се инклузивно детско игралиште во паркот на Могилата на непобедените, како и нов кружен тек на вкрстувањето на улиците Кузман Јосифоски и булевар Гоце Делчев.

Според усвоениот буџет за 2024 година, приоритети на Општината се изградба и реконструкција на улици и локални патишта, кружни текови, тротоари и пешаки патеки, доизградба на градинка во населбата „Точила“, изградба на системи за водоснабдување, фекална и атмосферска канализација, а од капиталните инвестиции планирана е изградба на фабрика за рециклирање на отпад. Планирани се и трансфери за основните и средните училишта, за социјално ранливите групи како и за чистење на диви депонии.

Но граѓаните го изразија своето незадоволство и од работата на локалните власти, кои велат, немаа доволно конкретни проекти кои се во интерес на заедницата. Посебно нема содржини кои се привлечни за младата генерација, а отсуствува и културно- забавен живот во градот кој би придонел да се раздвижи монотонијата која владее во Прилеп, инаку познат по мајтапот и хуморот.

Погледнете ја анкетата на „Слободен печат“ во Прилеп:

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content