Министерството за економија ги објави јавните повици за субвенционирање микро и мали претпријатија, за финансиска поддршка на женско претприемништво и за субвенционирање на занаетчии во рамки на Програмата за конкурентност и иновации и претприемништво (КИП) за 2021 година наменети за поддршка на домашните компании. Повиците ќе се спроведуваат по принципот „прв дојден, прв услужен”, а новина е што годинава првпат средствата ќе се распределуваат според развиеноста на планските региони во државата, односно повеќе средства ќе добиваат помалку развиените региони.
-Со јавниот повик за субвенционирање микро и мали претпријатија е предвидена финансиска поддршка за субвенционирање на 50 отсто од докажаните трошоци за набавка на машини и алати и за набавка и инсталација на фотоволтаични панели. За оваа мерка се предвидени вкупно 30,7 милиони денари од буџетот на Министерството за економија, а финансиската поддршка по еден апликант е најмногу 400.000 денари, рече Бектеши.
Доколку фирмата е управувана или основана од жена, додаде, тогаш субвенцијата се зголемува за 10 отсто.
-Субвенционирани ќе бидат трошоците направени во 2020 и 2021 година, а крајниот рок за аплицирање за оваа мерка е 16 април годинава, појасни Бектеши.
Со јавниот повик за субвенции за поддршка на женско претприемништво, посочи, предвидена е финансиска поддршка за кофинансирање на 80 отсто на трошоците на компании кои се 50 проценти во сопственост или управувани од жени за набавка на опрема и алати, уредување или подобрување на деловниот простор и воведување софтверски решенија.