Фрагкос во Европскиот парламент упати жестоки критики кон македонските евроинтеграции, нарекувајќи го македонското барање за членство во Европската Унија „смешно“. Употребувајќи ги закоравените грчки квалификации, тој во своето најново обраќање, ја обвини македонската држава за фалсификување на историјата, но не ја поштеди ни грчката влада, обвинувајќи ја за нејзината пасивност.
„Европската Унија не смее да замижува. Скопје бара европска интеграција. Тоа е смешно. Истовремено, тие продолжуваат да градат лажен наратив врз кражбата на грчката историја, додека неприфатливата грчка влада се занимава со други работи. Со децении Скопјаните ги узурпираат името, симболите и наследството на Македонија. Европската Унија не смее да замижува. Не може да бара почитување на владеењето на правото, а истовремено да толерира фалсификување на историјата“, истакна Фрагкос пред европратениците. директно оспорувајќи ги историските темели на Македонија и побара од институциите на ЕУ да не толерираат вакво однесување, доколку навистина се залагаат за владеење на правото.
Засилувајќи ја својата реторика, грчкиот европратеник, порачува дека ќе инсистираат на целосна блокада на влезот на Македонија во Европската Унија. „Скопје мора да разбере една едноставна работа: не може да се изгради држава без историски темели, со туѓи материјали на узурпирана парцела. Ние ќе инсистираме Скопје да не влезе во Европската Унија. Крај на толеранцијата. Крај на илузиите“, дециден беше Фрагкос.
Емануил Фрагкос, роден 1992 година е европратеник од грчката партија „Грчко решение“, а во последните месеци има дадено повеќе остри изјави за Македонија во контекст на европската интеграција и извештајот на Европскиот парламент.
Тврди дека не постои „македонска нација“ и „македонски јазик“ во историска смисла, туку дека тие претставуваат современи политички конструкции.
Смета дека Европската унија не треба да користи формулации кои, според него, би можеле да се толкуваат како признавање на посебен „македонски идентитет“. Тој ја поддржа позицијата дека напредокот на Македонија кон ЕУ треба да биде условен со целосно исполнување на преземените обврски, вклучително и договорите со Грција и Бугарија.
Сепак, еврооптимистите нагласуваат дека е важно да се направи разлика меѓу ставовите на Фрагкос и официјалната позиција на Европскиот парламент. Усвоениот извештај за Македонија во јуни 2026 година главно се фокусира на реформите, владеењето на правото, борбата против корупцијата и потребата од уставните измени за продолжување на пристапните преговори, а не ги презема политичките ставови што ги изнесува Фрагкос.
