Сиљановска-Давкова: Со укинувањето на балансерот, не се урива Рамковниот договор, а една изборна единица е добро решение
„Не е точно дека се урива Рамковниот договор. Темелните вредности мора да се претворат во законски норми за да можат да се спроведуваат“, рече Сиљановска-Давкова, додавајќи дека законското уредување на правичната застапеност е подобро решение од досегашниот систем на балансер.
Осврнувајќи се на политичките обвинувања, претседателката оцени дека по долгогодишно учество во власта, престојот во опозиција претставува предизвик за секоја политичка партија, но нагласи дека добрите меѓуетнички односи мора да останат приоритет.
Во делот за евроинтеграциите, Сиљановска-Давкова повтори дека членството во Европската Унија е стратешка цел на Македонија и на целиот Западен Балкан.
„Ние сме го избрале европскиот пат. И покрај пречките, ќе се избориме за местото што одамна сме го заслужиле – во Европската Унија“, порача претседателката, отфрлајќи ги и шпекулациите за влијание на таканаречениот „српски свет“.
Говорејќи за изборните реформи, Сиљановска-Давкова се согласува со предлогот за една изборна единица, оценувајќи дека така секој глас би имал еднаква тежина, без разлика од кој дел на државата доаѓа.
Таа смета дека актуелниот Изборен законик ја става дијаспората во нерамноправна положба и оцени дека е нелогично иселениците да можат да гласаат на локални избори, а истовремено да има ограничувања за други изборни процеси. Како можни решенија ги посочи електронското гласање и гласањето по пошта, додавајќи дека за сите измени во Изборниот законик е потребен широк политички консензус.
„Најголем број држави на светот и дозволуваат на дијаспората да гласа. На прсти можат да се избројат, можеби две, што не дозволуваат дијаспората да гласа, а има една или две држави каде по истек на 10 години не може дијаспората веќе да гласа. Но, она што е чудно кај нас е што на локални избори гласа дијаспората, тоа е непознат феномен. Невозможно е да се испраќаат луѓе во дипломатско-конзуларните претставништа“, рече Сиљановска-Давкова.
Во однос на забелешките од опозицијата дека електронското гласање може да биде можност за изборен грабеж, претседателката со став дека токму опозицијата е таа која овозможи електронски попис.
„Опозицијата овозможи регистрирање по електронски пат на попис, непознат феномен бидејќи на попис се регистрираат само оние кои се најдолго 12 месеци надвор. Кај нас си се регистрираа електронски и тие влегоа во пописните резултати што беше спротивно на правилата во Советот на Европа“, подвлече Сиљановска-Давкова.
Во однос на укинувањето на техничката влада, претседателката изјави дека го поддржува моделот што постои во повеќе европски држави, каде техничките влади имаат единствена задача да обезбедат фер и демократски избори, без партиско влијание.
