ЕП ги усвои извештаите за земјите од Западен Балкан: 411 гласа „за“ Македонија

Европскиот парламент денеска ги усвои годишните извештаи за пет земји од Западен Балкан – Црна Гора, Албанија, Македонија, Босна и Херцеговина и Косово. За извештаите европратениците расправаа вчера на заедничка седница.

Конкретно за извештајот за Македонија, подготвен од известувачот Томас Вајц, резултатот од денешното гласање помина со 411 гласа „за“, 120 „против“ и 120 „воздржани“. По гласањето, за денеска попладне се закажани и официјалните прес-конференции на известувачите во Парламентот за да ги образложат крајните позиции.

Во рамките на дебатата со наслов „Европска иднина за Западен Балкан“ европратениците ја потврдија поддршката за членството на земјите кандидати, при што особено беше истакнат напредокот на Црна Гора и на Албанија, но и предизвиците со кои се соочува секоја од земјите одделно.

Извештаите претходно беа усвоени од Комисијата за надворешни работи (АФЕТ), а извештајот за Србија се очекува да се најде на дневен ред на пленарната седница во јули.

Обраќајќи им се на европратениците во вторникот, еврокомесарката за проширување Марта Кос го поздрави напредокот што го постигнаа Црна Гора и Албанија и оцени дека таков напредок се очекува од сите земји од Западен Балкан.

– Денес постои прозорец на можности за напредок кон членството и ги охрабруваме сите земји од Западен Балкан да го искористат тоа – изјави Кос.

Според неа, на самитот ЕУ – Западен Балкан во Тиват биле потврдени јасните заложби од сите лидери во регионот дека европскиот пат останува нивен стратешки приоритет.

Европската комисија е подготвена да напредува со сите земји доколку ги исполнат реформските обврски и покажат доволно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, како и со визната политика – додаде Кос.

Известувачот за Северна Македонија, Томас Вајц, оцени дека целта на Европската Унија треба да биде полноправно членство на сите шест земји од Западен Балкан.

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј
Skip to content