Лабудовиќ од КОСАП: Балканот мора да стане енергетски коридор на Европа, а не периферија на транзицијата
Енергетската сигурност, забрзаната зелена транзиција и регионалното поврзување беа во фокусот на обраќањето на заменик-министерот за енергетика, рударство и минерални суровини Мирослав Лабудовиќ на XXIII Конференција на парламентарните комисии за европска интеграција и европски прашања (КОСАП), што се одржа во Струга.
Обраќајќи се пред претставници на институции и парламентарни тела од земјите од Југоисточна Европа, Лабудовиќ истакна дека енергетската сигурност повеќе не може да се третира како национално прашање, туку како заедничка регионална и европска одговорност која бара координиран пристап, инвестиции и силна меѓусебна соработка.
Во своето излагање тој се осврна на новиот Закон за енергетика, кој е усогласен со европското законодавство, нагласувајќи дека реформите мора да обезбедат реални придобивки за економијата и стопанството.
-Зелената транзиција е неопходна, но таа мора да биде праведна и економски одржлива. Механизмите како CBAM не смеат да ја намалат конкурентноста на компаниите од регионот, туку треба да создадат услови за нивен развој и модернизација, порача Лабудовиќ.
Говорејќи за енергетската трансформација, заменик-министерот нагласи дека Македонија интензивно работи на забрзување на инвестициите во обновливи извори на енергија, но и на развој на системи кои ќе обезбедат стабилност и сигурност на мрежата.
Тој посочи дека покрај изградбата на нови соларни и ветерни капацитети, фокусот е ставен на батериските системи за складирање на енергија и на проекти што ќе овозможат поефикасно искористување на хидропотенцијалот, како клучни предуслови за успешно балансирање на енергетскиот систем.
Посебен акцент беше ставен и на модернизацијата на електроенергетската инфраструктура преку развој на паметни мрежи (Smart Grids), кои ќе овозможат поголема ефикасност, подобро управување со ресурсите и активно учество на граѓаните и компаниите во производството на електрична енергија.
-Не можеме да градиме енергетски системи на иднината врз инфраструктура од минатиот век. Дигитализацијата и паметните мрежи создаваат услови секој граѓанин и секоја компанија да станат активни учесници на пазарот и дел од енергетската транзиција, истакна Лабудовиќ.
Во рамките на конференцијата беше нагласена и важноста од изградба на нови енергетски интерконекции со соседните земји, со што Западен Балкан ќе се позиционира како значаен регионален коридор за пренос на чиста енергија и зајакнување на енергетската безбедност.
