Предговор
На овие страници ги пренесувам сознанијата од моите теориски и практични истражувања во социјалната теорија на идентитетските прашања на народите и на македонскиот народ. Со ваква проблематика објавив повеќе книги, приопштив прилози на научни собири но се огласив и во јавните гласила. Во овој специфичен историски момент од развојот на македонскиот народ и на неговата идентитетска одбрана, со претставувањето на постигнатите сознанија оваа книга се вклучува во напорите да се надминуваат дилемите за мноштвото прашања и приоди во неговата идентитетска одбрана. Што, со оглед на мојата животна вокација, го сметам како должност и, како моја внатрешна потреба.
Април, 2026 година
aвторот,
ВОВЕД
Публицистичките трудови со општествена проблематика, оформени во книга, се ретки во Македонија. Но, тие имаат извонредна вредност во актуелизирањето на темите од актуелното живеење, укажувајќи на проблемите и трагајќи и за нивното разрешување врз научна осознаеност и имајќи ја и релацијата со политиката.
Со опфатените теми ја одржуваат будна јавната свест, информирајќи, предочувајќи и решенија и очекувајќи реакција од носителите на општествените задолженија за предложените заложби да се остварат.
Непрецизно определените термини истовремено упатуваат на погрешни сознанија за постанокот и континуитетот на идентитетот на нашиот народ.
Дотолку повеќе што на народот потребно е да се гледа целовито. Оттаму само од аспект на една наука, па дури ниту преку збројување на сознанијата од различните науки одговорот што е народот не е целовит. Притоа по гледањето на народот одвоено од неговото дејствување, филозофски останува неприфатлив (според хрватскиот филозоф Вања Сутлиќ), став. Да не го заобиколуваме притоа и пристапот за односот на народот и јазикот што Крсте Мисирков го елаборира. Односно, кај Круме Кепески, за кого македонскиот јазик е духовност, и дека ја изразува духовноста ина македонскиот народ определувајќи го патот на развојот на македонскиот литературен јазик.
