Владата денеска го предложи судијата од Кривичен суд, Ненад Савески за нов државен јавен обвинител. Предлогот на Владата треба да биде изгласан од Собранието. За изборот на државниот обвинител се потребни 61 глас.
Портпаролката на Владата Марија Митева на денешната прес-конференција истакна дека Владата се раководела од принципите на професионалност, интегритет, стручност и доследна посветеност на владеењето на правото.
-Ненад Савески е судија во Кривичниот суд и во текот на својата професионална кариера има изградено репутација на правник со долгогодишно искуство, препознатлив по својата стручност, професионален интегритет и посветеност на принципите на законитост и правда, рече Митева.
Ненад Савески е роден во 1976 година, живее во Гостивар, оженет, татко на 3 деца. Тој е магистер по правни науки – казнено право, магистрирал на Правниот факултет „Јустинијан Први“, при УКИМ Скопје, каде ги завршил и студиите. Правосудниот испит го положил во 2003 година. Средното образование го завршил во гимназијата „Панче Попоски“ во Гостивар.
Савески од 2016 година е судија во Основен кривичен суд Скопје, во одделот за организиран криминал и корупција.
Савески од 2016 година е судија во Основен кривичен суд Скопје, во одделот за организиран криминал и корупција.
Од експертските и меѓународните ангажмани во биографијата на судијата Савески е наведено дека бил експерт во ОБСЕ Македонија, експерт во Национална конвенција за ЕУ – Поглавје 23, како и експерт во проекти на Совет на Европа, ОБСЕ и на УСАИД.
Член е на работни групи за судски и законски реформи. Работел на проекти за посебни истражни мерки, притвор и за кривична постапка.
Од академската кариера Савески е предавач во Академијата за судии и јавни обвинители, национален тутор и обучувач во програмата HELP на Советот на Европа, како и обучувач за човекови права и кривично право.
