„Глумците пеат“ на 24 и 25 март со македонска музика и нови актерски имиња

„Глумците ПЕАТ“ на 24 и 25 март повторно ќе го одбележат Светскиот ден на театарот во Македонскиот народен театар, со почеток во 20:00 часот.

Годинава шоуто е посветено на македонската музика од различни периоди – песни што публиката ги знае, но ќе ги слушне во нова актерска интерпретација. Покрај соло изведби, на сцената ќе има и повеќе дуети и групни точки, што носат поинаква динамика и сценска енергија.

На сцената ќе настапат актери од повеќе генерации – со нови имиња кои за првпат ќе бидат дел од проектот, но и со добро познатите што и досега ја кревале публиката на нозе.

Режијата е на Дејан Пројковски, а актерите ќе ги придружува оркестар под диригентска палка на маестро Љупчо Мирковски. Аранжманите се на Бобан Мирковски, кореографијата на Олга Панго, а костимографијата на Марија Пупучевска.

„Глумците ПЕАТ“ не е претстава, ниту концерт, туку спој на театар и музика што им овозможува на глумците барем една вечер да бидат поинакви од она што вообичаено го работат на своите сцени. Имаме многу талентирани уметници кои со голема посветеност ги подготвуваат своите точки и едвај чекаат да ги споделат со публиката, велат организаторите.
„Глумците ПЕАТ“ со години се вбројуваат меѓу најпосетуваните сценски случувања во овој период.

Проектот продолжува како наследство на Марин Бабиќ, кој во 1990-тите го создаде шоуто, а подоцна беше возобновен од неговите ќерки Маја и Ира Бабиќ.

Картите за двата датума се во продажба преку платформата MkTickets.mk.

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј
Skip to content