Претпладнево владина делегација, во чиј состав беа советникот за одбрана Драган Василевски и државниот секретар во Министерството за одбрана Драган Николиќ, положи цвеќе на спомен-плочата во месноста Карпалак, на автопатот Скопје – Тетово, во спомен на загинатите бранители, сите резервисти од Прилеп и прилепско.
Претходно, цвеќе положи делегација на ВМРО-ДПМНЕ во чиј состаав беа пратениците Александар Велјановски, Жаклина Пешевска и Дафина Стојаноска, како и претседателот на УМС на ВМРО-ДПМНЕ Ангел Карапетров. Лидерот на партијата Христијан Мицкоски на Фејсбук напиша: „Нема да биде заборавена нивната жртва за нашата слобода. Македонија памети. Слава им“!
Стојанче Ангелов, претседателот на Достоинство и учесник во вооружениот конфликт како полициски генерал им одаде почит на загинатите бранители. На Фејсбук тој напиша: „На денешен ден 2001-та, од страна на УЧК, кај месноста Карпалак е нападната единица на АРМ која од прилепската касарна преку Скопје се движела кон Тетово. Вечна ви слава, херои македонски“!
Во чест и сеќавање на трагично загинатите резервисти: Нане Наумоски, Сашо Китаноски, Горан Миноски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Бранко Секулоски, Дарко Вељаноски, Пеце Секулоски, Веби Рушитоски, Марко Деспотоски, сите од Прилеп и прилепско, денеска беше оддадена почит и на нивните вечни почивалишта, а беше одржана и панихида во црквата „Св. Петка” во населбата Точила во Прилеп.
Одбележувањето на загинувањето на армиските припадници продолжи со оддавање почит и положување цвеќе на комплексот „Карпалак” во центарот на Прилеп, каде се одржа централното одбележување на 21 година од нивната смрт, каде положија цвеќе и бројни делегации и бранители.
Чествувањето на годишнината од загинувањето на десеттемина армиски резервисти започна синоќа во Прилеп, каде делегации положија цвеќе пред спомен-обележјето во касарната „Мирче Ацев”, како и пред споменикот на бранителите во прилепското село Лениште, а беше одржана и вечерна богослужба во манастирот „Св. Петка”.