Што се случува во средното музичко и балетско училиште „Илија Николовски – Луј“? Храброста на Маја им даде крилја и на други жртви
Маја Блажевска, ученичка која завршила во средното музичко училиште „Илија Николовски – Луј“ во Скопје, и која одлучи да го сподели своето, како што вели таа, ужасно искуство за време на нејзините средношколски денови не остана осамена во храброста.
Нејзиното „олеснување на душата“ им даде крилја и на други жртви на насилството во училиштето да си ја отворат душата и да проговорат за своите страдања. Поддршка добива и од поранешни ученици во училиштето, од соученици, но и професори од други училишта.
Во објавата на социјалната мрежа Фејсбук, за која вели дека е нејзиниот најискрен текст кој го напишала, Блажевска пишува дека „ниедно дете не заслужува да биде под постојан притисок на нечие променливо расположение и ниедно дете не заслужува да ги трпи последиците на тоа однесување, поготово кога истото доаѓа од возрасни луѓе, професори од кои зависи неговото формално образование“.
Покрај текстот, во објавата се означени ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“, Министерството за образование, Град Скопје и директорката на училиштето.
https://www.facebook.com/Maja.Blazhevska.987/posts/5279015048831246
Во продолжение, ви ја пренесуваме нејзината објава во целост.
„Четири ужасни години. Завршуваш основно образование, со нетрпение чекаш да ги искусиш ‘најубавите години’, средношколските денови и, како надарено дете и перспективен иден уметник/музичар, да почнеш полека да чекориш по својот пат. Како дел од генерација која веќе го помина ужасот што ни го приреди ‘Луј’, сметам дека нема повеќе простор за молчење и страв од уцени и дека ако веќе рекламираме ‘вистински вредности’ без вистински промени нема да тргнеме никаде. Со генерации си прераскажуваме бизарни приказни за ‘Луј’ и верувам, за жал, дека за поголем дел од нашите соученици и колеги овој статус не е ништо ново. Позади убавите објави и безбројните слики на социјалните мрежи се крие нешто што баш на никој не му го посакувам, поготово не на дете.
На ниедно 15-годишно дете не му посакувам за „добро утро“ да слуша пцовки и навреди како ‘глуп, неспособен, хемиски експеримент, бескорисен, дебела, социопат, сељак’ и куп други што ми е гад да ги набројам и секој обид за спротиставување на истите да биде проследен со ‘ќе те паднам година’, ‘ќе попиеш бокс’ и разноразни уцени.
Ниедно дете не заслужува да биде под константниот притисок на нечие променливо расположение и можни агресивни реакции, и ниедно дете не заслужува да ги трпи последиците на тоа однесување, поготово кога тоа доаѓа од возрасни луѓе, професори од кои зависи неговото формално образование и кои како мали нѐ учеа да ги гледаме како ‘втори родители’. Не важи ова ни само за деца, едноставно, ниеден човек.
Да ве изеде срам за сите деца кои поради психичкото насилство, сопки, завист, селективност и неправда кои ги доживеавме во ‘Луј’, не спиевме, се враќавме со плачење дома, прерано се сретнавме со анксиозност, панични напади, депресивни мисли и ниска самодоверба. Да ве изеде срам за сите талентирани деца на кои им ги срушивте соништата со вашиот непедагошки, впрочем, нечовечки однос и за сите нас кои не успеавте да нѐ срушите и кои ги прерипувавме вашите сопки. Да ве изеде срам што дозволивте да нѐ нема од вашите часови само за да не бидеме денешниот предмет на ругање и да се заштитиме од нови удари по нашето здравје. Па, затоа што многу можеби и ќе се препознаете, кажете ми како спиете навечер, знаејќи за сѐ што оставате зад себе, не знам како не ве гризе совест за секое едно дете?
Секоја чест на малиот процент педагози во таа зграда што си игра школо, кај кои со радост одевме на часови и од кои навистина научивме, кои ни го посветуваа и своето лично време и викенди и празници, кај кои ако не бевме спремни одевме со срам, навистина сте ретки и недоволно ценети. За жал, и тие исклучоци самите се често ‘мета’ на лошотијата која владее, со години предмет на неправди и мобинг, и едноставно, лошото го надвладува доброто.
Ако не можете да се ставите на наше место, ставете се на местото на нашите родители кои гледаа низ што поминуваме сите овие години. Замислете како е да знаете дека секое сабајле го праќате детето да биде вреѓано, малтретирано и омаловажувано. Да седи по 8 до 12 саати со невозможен распоред на часови направен во корист на професорите а, секако не во корист на децата составен од дваесетина предмети од кои, барем пола не го поткрепуваат неговото знаење и остатокот од тој исцрпен ден психички и физички, да мора да се посвети на инструментот и останатите обврски. Да не заборавиме дека добар дел професори кога нешто ни одеше потешко или намерно нѐ туркаа со пониски оценки слушавме ‘е, па ќе си дојдеш на приватен час ако сакаш да поправиш’, бидејќи нели ако веќе е нефункционална редовната настава за додатна и дополнителна не станува збор, и секако интерните бизниси не смеат да трпат.
И драга директоре Даница, пред да нѐ нападнете во ист манир како и вашите колеги, размислете какви ‘вредности’ презентирате и на какви ужаси замижувате. Ниеден хаштаг, ниедна слика и публицитет нема да ја прикрие вистината, и ниеден притисок и реакција на овој статус нема да успее. Во иднина Ви посакуваме да размислите двапати пред безчувствително да враќате ученици кои собрале храброст да изреагираат на насилството со кое се борат, да имате предвид и дека можеби и ‘туѓите деца’ заслужуваат поддршка, а не препреки и да размислите дали вреди да си ги заштитите колегите/пријателите и да ја прикривате нивната некомпетентност. Знаеме дека се трудите, во една година направивте многу повеќе него ли кој било пред Вас, но верувајте дека без основни промени сѐ друго е џабе.
Да, имаше и убаво. Понекогаш тоа што го поминувавме не сплотуваше како генерација, се дружевме, сочувстувавме едни со други, свиревме и пеевме и покрај сѐ се трудевме и боревме. Сите намалени оценки од ‘зашо така сакам бе’ и ‘е сеа ќе видиш’, сите паднати аудиции затоа што ‘него/нејзе мораа да го/ја примат’ и осветување на ученици ради колегијалните кавги, сите етикети и навреди, сите поделби на “внуци” и туѓинци, сите закани и неправди можат само да ви служат на честа што ја немате.
Не го доживувајте ова како напад, туку повеќе како повик за будење и порака дека пред вашите глупости нема вечно да се мижи. Ве разбираме и вас, професори, демотивирани сте од ниските плати, од лошите, понекогаш и невозможни услови за работа и револтирани од фактот што и поголем дел од вас искусиле на своја кожа сличен третман. Но, нема оправдувања и пред да се изгорат следните генерации, мора нешто да се смени.
Нема никаков репорт или блок да го тргне статусов, ова ќе си стои. Лутете се, ругајте нѐ нас ‘неблагодарните дечишта’, но сепак се надевам барем ќе ве натераме малку да размислите“, пишува Маја Блажевска.
Во коменарите на објавата на Маја можете да ги прочитате тажните приказни на деца, сега веќе возрасни луѓе, кои минале низ ходниците на ужасот во средното музичко училиште. Некои од нив се охрабриле и да ги наведат професорите со имиња.
Се до збор е точно, но прво да завршам, па ќе отворам уста, потврдува ученик од ова училиште во неврзан разговор за Република, но се плаши повеќе да зборува за она низ што минуваат тој и неговите другари додека е се уште во училишните клупи.
Исто така, има и коментари на поранешни ученици, кои не можат да се изначудат во што се претворило училиштето.