Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска во Народната канцеларија во Скопје оствари средба со претставници на Здружението на воени ветерани и воени инвалиди „Братство 2001“. На средбата, информираат од Кабинетот на Сиљановска-Давкова присуствуваа Владо Томески, претседател на здружението, Петар Јанчевски, Мики Ристовски и Сашко Голубовски.
Според нив, Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на Република Македонија и на членовите на нивните семејства, од 2002 година, селективно се применува од страна на институциите на централно и локално ниво.
Поради тоа, тие се соочуваат со дискриминација во остварувањето на законски утврдените права врзани со вработувањето, напредувањето, бесплатните здравствени услуги и бесплатното факултетско образование за нивните деца.
Тие ја информираа претседателката дека не се спроведуваат дури ни правосилните судски пресуди, донесени во нивна корист.
Претставниците на Здружението на воени ветерани и воени инвалиди „Братство 2001“ укажаа на потребата од измена и дополнувања на законот, за нивните посебни права, заради прецизирање на решенијата и унапредување на нивните бенефиции.
Според Сиљановска-Давкова, укажувањата и забелешките на бранителите заслужуваат должно внимание од надлежните институции, како и почитување на еднаквата примена на законот за сите.
Таа вети дека Кабинетот ќе ги информира надлежните органи за презентираните проблеми, укажувајќи на нужноста од почитување и спроведување на Законот за посебните права на припадниците на безбедносните сили на Република Македонија и на членовите на нивните семејства, како и пресудите.
За претседателката, придонесот на бранителите не смее да биде заборавен ниту занемарен, туку мора да се почитува и валоризира.
