ГАЛИЧКА СВАДБА 2022: Спој на традицијата, културното наследство и вистинските партнерства

34

За галички зет и невеста оваа година се избрани Илчо Димитров и Елена Дуровска, а карактеристично за годинешната манифестација е што покрај нив, во црквата „Свети Апостол Павле“ во ист ден ќе бидат венчани и Искра Блажевска и Марко Бекриќ, додека Марија Крстевска и Владимир Черепналковски ќе го кажат судбоносното „Да“ во Галичник на 28-ми август.        

„Многу сме среќни што интересот на младите за учество на Галичка свадба од година во година се зголемува, што покажува дека традицијата и народните обичаи остануваат темел на нашиот колективен идентитет и вредности. Конкретно оваа година се пријавија пет двојки, од кои три во целост ги исполнија пропишаните критериуми, по што организацискиот тим одлучи сите нив, на најдобар можен начин, да им даде можност да учествуваат во годинешната манифестација“, објасни претставникот на организацискиот тим на Месната заедница Галичник, Александар Костиќ. Тој информираше дека благодарение на поддршката од големиот број поддржувачи и оваа година Галичник е подготвен да им посака добредојде на сите посетители од земјава и странство кои ќе дојдат да ги видат и да посведочат за убавината и уникатноста на свадбарските обичаи, богатиот колорит на народните носии на свадбарите и изворните песни и ора, карактеристични за овие македонски предели.

И овој пат покровител на Галичка свадба е Претседателот Стево Пендаровски, а еден од традиционалните поддржувачи на манифестацијата е Министерството за култура.

„Галичката свадба е повеќе од традиција, повеќе од културно богатство, од адет, од наследство. Галичката свадба е идентитет. За  восхит е гордоста на галичани на своите корени, на своите семејни стебла, на својот Галичник. Нивната печалбарска историја, која од колено на колено се прераскажува за да не се заборави, е драгоцен запис од македонското минато. Препознавајќи ги трудот и љубовта што се вложуваат за зачувување на оваа уникатна традиција, со Институтот за фолклор работиме на елаборат за зачувување и заштита на галичките свадбени обичаи, со што Галичката свадба и нејзините обичаи, за првпат во нивното шеесетгодишно манифестациско постоење, ќе ја добијат заслужената институционална заштита“, изјави министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска.

Пивара Скопје и нејзините брендови и оваа година се дел од Галичка свадба, со што продолжува партнерството кое непрекинато трае од самите почетоци на манифестацијата, односно 48 години, а ќе продолжи и во годините што доаѓаат.

„Во годината кога Пивара Скопје прославува 100 години од своето основање, ни претставува посебна чест и задоволство да ја продолжиме поддршката и партнерството со една од најпознатите манифестации во нашата земја. Токму традицијата е она што ги поврзува Пивара Скопје и Галичка свадба и она што сите нас нѐ држи заедно, и затоа во пресрет на одбележувањето на 60-годишнината од почетоците на Галичка свадба во сегашната форма, што ќе се случува следната година, ние во Пивара Скопје сме подготвени да го продолжиме и дополнително да го зајакнеме нашето меѓусебно партнерство, со што ќе овозможиме продолжување на богатата традиција која е дел од нашето заедничко културно наследство“, истакна Марија Мининчиќ, менаџерка за партнерства со заедницата на Пивара Скопје.

Покрај финансиска поддршка која е неопходна за одржување на континуитетот и високото ниво на Галичка свадба, Пивара Скопје традиционално обезбедува и пијалаци за учесниците во свадбeната церемонија.

„Се вели дека нема свадба или друга прослава без пијалаците на Пивара Скопје, а особено без СКОПСКО. Ако е така, тогаш сосема природно е што СКОПСКО било и останува да биде дел од најпознатата македонска свадба. Дополнително, создавањето на СКОПСКО, како еден од најпознатите македонски брендови е процес во кој се вградени многу знаење, љубов и долга, речиси 100-годишна традиција. Ова е уште една причина зошто партнерството помеѓу Пивара Скопје, СКОПСКО и Галичка Свадба опстојува толку долго и ќе трае и во иднина“, вели Марта Завкова, сениор бренд менаџерка за Скопско во Пивара Скопје.

И во оваа прилика, од Пивара Скопје го повторија својот постојан апел до сите кои наредниот викенд ќе дојдат во Галичник, а тоа е: да консумираат алкохол одговорно, да не возат доколку пијат и максимално да се грижат за одржување на чистата природа.

Инаку, програмата на годинешната Галичка свадба започнува вечерта на 15-ти јули, со јубилеен концерт посветен на великанот на народната песна Александар Сариевски, кому годинава му се навршуваат 100 години од неговото раѓање и 20 години од неговата смрт, а кој родум е токму од Галичник.

Свадбените активности пак традиционално ќе започнат во сабота, на 16 јули, со поставување на свадбарскиот бајрак и симболичниот чин на „фрлање три пушки“ од куќата на зетот. Потоа ќе бидат изведени свадбарските ритуали – „пречек на топаните“, кои два дена ќе ги веселат сватовите и гостите, свекрвата ќе го одигра свекрвиното оро, а членовите на „Фолклорни бисери“ од Скопје ќе го одиграат орото „Тешкото“ – симболот на свадбите и на веселбите, на испраќањето и пречекувањето на печалбарите, на непокорот и оптимизмот. Исто така, на платото пред опеаната чешма Упија ќе бидат одиграни невестинското, манукот и други ора. Импресивна ќе биде глетката кога сватовите со борина в рака ќе ја носат девојката да наполни вода на три чешми, а веселбата ќе продолжи до раните утрински часови. Венчавањето на младенците ќе се изврши в недела, 17-ти јули, во храмот „Св. Апостоли Петар и Павле“, а свеченоста ќе заврши со чинот на испраќање на тапанџиите и зурлаџиите.

Од целата програма на Галичка свадба 2022 ќе се врши пренос „во живо“, на специјален екран поставен на платото пред чешмата Упија, како и преку интернет, на социјалните мрежи.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content