Мицкоски реизбран за претседател на ВМРО-ДПМНЕ, Ковачевски нов лидер на СДСМ

31

Ковачевски доаѓа на местото на Зоран Заев кој беше лидер на СДСМ од 2013 година и кој по неуспехот на локалните избори во октомври најави оставка и од лидерската партиска, но и од премиерската функција.

Новоизбраниот претседател на СДСМ синоќа порача дека нивна е одговорноста за се што ќе се случува во партијата, но и во државата. Нагласи дека секогаш кога СДСМ е силен и има јасна агенда, државата оди напред.

 

– Затоа ни треба силен и обединет СДСМ кој има јасни цели и енергија за нивно спроведување. Ние сме столб на прогресивниот дел од општеството и граѓаните со право очекуваат од нас да работиме посветено и одговорно. Вечерва завршуваме со ветувањата, од утре почнуваме со реализација. Не чека напорна работа за да ја вратиме довербата на граѓаните и членството, истакна Ковачевски.

Новиот лидер на СДСМ се осврна и на својата прогама „Заедно, одговорно и посветено“ која, како што потенцира, има три клучни принципи.

– Мора да го вратиме единството во партијата, мора да ги продолжиме социјалдемократски вредности и врз основа на нив да ги градиме државните политики, а за тоа ќе ни требаат најдобрите луѓе. Мора и да се даде фер шанса на сите што имаат професионален капацитет – да ја отвориме партијата за нови кадри и во државата и надвор од неа кои ќе донесат нов менталитет во управувањето и во партијата и во инстутициите. Да работиме со здружени сили, нашата земја да биде водена од социјалдемократските принципи, нагласи Ковачевски.

Според него, во партијата секако ќе има место и за неговите противкандидати, Јован Деспотовски и Фросина Ременски, со кои, како што напомена, има одлични односни и одамна соработува.

Во врска со новите кадровски решенија во Владата и ресорите, тој рече дека ќе мора да се почека одлуката на партискиот Централен одбор.

-Веќе почнаа раговорите за преземање одговорности во новата влада што значи и преземање одредени позиции. Предлагањето на министрите, односно кадровските ршенија се прави од телата на партијата, посочи Ковачевски.

За партиското раководство, пак, и неговиот состав, Ковачевски е дециден дека ќе се избираат кадри кои на најдобар начин ќе ги отсликаат програмските определби на СДСМ.

Димитар Ковачевски е роден 1974 година во Куманово. Доктор е на економски науки и вонреден професор на Факултетот за деловна економија и менаџмент на Универзитетот Американ колеџ – Скопје. Работната кариера ја почнал во Македонски телеком АД Скопје, а потоа напредувал на повеќе менаџерски позиции.

Во својата професионалната кариера Ковачевски работел на низа корпоративни проекти за интеграција на деловни процеси заради зголемување на ефикасноста и профитабилноста на компаниите, дел е од проектните тимови за имплементирање на SAP интегриран систем за управување со материјалното и финансиско работење и CRM интегриран систем за управување со клиенти, како и од воспоставувањето високотехнолошка стартап компанија за производство и развој на елементи за производство на електрична енергија од обновливи извори (2018-2020).

Средното образование го завршил во Вотервил Елизиан Мористаун гимназијата во Минесота, САД. Во 1998 година дипломирал на Економскиот факултет при УКИМ каде и магистрирал во 2003 година. Докторските студии по економија ги завршил на Економскиот факултет на Универзитетот Црна Ð �ора во 2008 година. Поминал и стручно усовршување на Школата за бизнис на Харвард универзитетот во 2011 година, Европскиот претприeмнички колоквиум на Техничкиот универзитет во Минхен каде стана ЕФЕР ЕЕЦ алумни, на Ротердам школото за менаџмент при Еразмус универзитетот во Холандија и ЕАДА Бизнис школата во Барселона.

Зборува течно англиски јазик, се служи со германски. Во 2020 година бил дел од Економскиот совет на Владата на Република Северна Македонија за справување со економските последици од корона пандемијата.

Изборите следуваа по оставката на Заев што ја констатираше Централниот одбор на партијата на 26 ноември годинава. Заев дојде на чело на СДСМ во 2013 година. Тој го наследи Бранко Црвенковски кој целосно се повлече од функцијата по поразот на СДСМ на тогашните локални избори. Лидерска позиција во партијата претходно имаа и Владо Бучковски, како и Радмила Шекеринска.

ВМРО-ДПМНЕ, пак, вчера го одржа 17. редовен партиски конгрес на кој го реизбра Христијан Мицкоски за претседател. Тој беше и единствениот кандидат за лидерската позиција, а доби поддршка од 489 делегати. Од присутни 493 делегати, гласале 492 од кои 489 за Мицкоски. Имало и три неважечки ливчиња. На конгресот под мотото „Нова генерација за нова иднина“, ВМРО-ДПМНЕ најави нова доктрина и кадровски освежувања.

Мицкоски го доби првиот претседателски мандат во партијата пред четири години, на 23 декември 2017-та, кога на 16. конгрес во Валандово беше поддржан од 376 делегати. Тој е доктор по технички науки и професор на Машинскиот факултет во Скопје. Беше претседател на Управниот одбор и генерален директор на АД ЕЛЕМ, а во однос на партиските активности извршувал повеќе функции – бил претседател на кадровската комисија на ВМРО-ДПМНЕ, дел од Републички изборен штаб на изборите 2011, дел од Републичкиот изборен штаб ИЕ4 на изборите 2008, 2014, 2016, член на конгресот на партијата во 2003 кога за претседател е избран Никола Груевски, како и член на конгресот во 2015 година.

Мицкоски вчера најави нов концепт – општествен консензус за заеднички патриотизам. Тој рече дека партијата влегува во втора епоха чиј приоритет ќе биде поединецот, ослободувањето од стегите, слободата на мислата и изборот. Народот сака опција на која ќе и верува, а ВМРО-ДПМНЕ, потенцира Мицкоски, е таа алтернатива.

– Мора да сториме се, не смееме да разочараме и да потфрлиме. Мора да успееме, да постигнеме праведен напредок, да овозможиме еднакви можности за сите – идеја што изминатите три децении застрани. Подгответе се, не чека многу работа, не чека борба, народот има очекувања и надеж дека нешто ќе се промени, не смееме да го изневериме. Да ја вратиме државата на граѓаните, да го создадеме заедно македонскиот сон, истакна Мицкоски.

Образложувајќи го општествениот договор за т.н. заеднички патриотизам, Мицкоски рече дека „нема веќе ваше и наше, сите сме под истиот покрив кој еднакво прокиснува и кому му е потребна поправка за да му се врати сјајот“.

– Не е доцна да ги исправиме работите. Време е да одиме напред, едните заедно со другите. Заедничкиот патриотизам е различност која меѓусебно ќе ја почитуваме, отворање на вратите на ВМРО-ДПМНЕ за сите заедници, наше ново стратешко позиционирање, подвлече Мицкоски.

Во обраќањето по реизборот, Мицкоски најави и нови економски мерки, намалување на даноците, отворена војна против корупцијата, мерки во земјоделството, прогрес во културата.

Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Skip to content