За позицијата на жените во медиумската сфера и предизвиците со кои се соочуваат новинарките денес ќе разговараат истражувачката новинарка Сане Терлинген од Холандија и Елиса Муњос, раководителката на Меѓународната медиумска фондација на жените (IWMF).
Како што информираат организаторите, фестивалот што започна како Истражувачки филмски фестивал Скопје, годинава прерасна во Медиумски фестивал Скопје за да вклучи што повеќе теми од променливиот свет на современите медиуми. Годинашната програма повторно вклучува бројни говорници од земјава и странство, а содржи и разни дискусии, работилници и интересна филмска програма.
Фестивалската програма ќе биде презентирана онлајн на Фејсбук страниците на ПИНА и МФС, а македонската публика ќе има можност да проследи и низа филмски остварувања кои преку фестивалската платформа на Cinesquare.net на CutAway и сајтот mfs.mk ќе бидат достапни за времетраењето на Медиумскиот фестивал Скопје, од 5 до 8 октомври 2021 година, како и неколку дена по завршувањето на фестивалот.
„Жените во медиумите“ е издание посветено на предизвиците и успесите на жените новинарки и филмаџики, тема која организаторките од ПИНА нагласуваат дека е логичен избор за овој мал фестивалски јубилеј. Од самиот почеток пред четири години, организацијата ПИНА се фокусира на теми поврзани со претставувањето на жените во медиумите, како и позицијата на жените кои работат во медиумската сфера, а како организација нуди и менторски програми за обука на новите генерации новинарки. Во духот на водечката фестивалска тема ќе се анализираат повеќе аспекти поврзани со локалната новинарска сфера, со новинарки од домашната медиумска сцена, а ќе гостуваат и интересни говорнички од повеќе земји.
Медиумскиот фестивал Скопје е настан во организација на ПИНА – Платформата за истражувачко новинарство и анализи, кој годинава се реализира во партнерство со Канцеларијата на Фондацијата Фридрих Еберт Скопје како и Холандската амбасада во Скопје, заедно со поддржувачите УНХЦР Скопје и меѓународната организација Цивил Рајтс Дефендерс.