Минчев: Со предлог-законот првпат се воспоставува единствена правна рамка за највисоките раководни позиции
Како што се наведува во образложението, Законот за високите раководители ги опфаќа и (високите раководители во) институциите формирани со законите со кои се уредуваат задолжителните нафтени резерви, Катастарот на недвижностите, урбанистичкото планирање, поттикнувањето и развојот на земјоделството, финансиската поддршка во земјоделството и руралниот развој, примената на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните на Република Северна Македонија, странските инвестиции и промоцијата на извозот, управувањето со одземен имот, филмската дејност, како и Централниот регистар.
Со овој закон се надминува досегашната фрагментирана регулатива и неусогласените стандарди за слични функции, што придонесува за поголема правна извесност, еднаков третман и јасна линија на одговорност. Законот ја подигнува професионализацијата на високото раководство преку унифицирани и заострени услови за именување и основа да се води сметка за компетенциите, со што се зголемува квалитетот на управувањето и капацитетот на институциите. Покрај тоа, детално се уредува постапката за именување високи раководители, која се базира на принципите на транспарентност, мерит, квалитет… Оваа постапка ќе ја спроведуваат, во зависност од нивната надлежност да именуваат, Владата или управните одбори на органите и фондовите. На тој начин се постигнува рамнотежа помеѓу професионализацијата на администрацијата и уставната улога на Владата како носител на одговорноста за резултатите на извршната власт.
Законот воспоставува јасна рамка за мандатите и ограничување на реизборот, со што се обезбедува баланс помеѓу стабилноста на институциите и потребата од отчетност и обновување на раководството. Дополнително, се воспоставува општа рамка за следење и оценување на резултатите од работењето на високите раководители преку планови, извештаи и индикатори за учинок, што ја поврзува управувачката позиција со конкретни и мерливи резултати.
Една од најзначајните реформски новини е строгото ограничување на институтот вршител на должност.
Пратеничката Соња Мираковска од НСДП рече обидот е добар, но дека со ваков закон нема да се постигне деполитизација, а нема да се применува ниту мерит-системот. Најави амандмани за законот.
Весна Бендевска од ЗНАМ реплицира со прашање до Мираковска дали опозицијата е за реформи или не е посочувајќи на менувањата на опозициските ставови во текот на носењето закони со европско знаменце.
Муса Џафери од Европскиот фронт праша како ќе се гарантира правичната застапеност при изборот на високи раководни позиции.
Минчев, на тврдењата на опозициските пратеници, рече дека некои од забелешките што биле поднесени од граѓанскиот сектор, опозицијата и меѓународните патнери се внесени во текстот.
Се воведува постапка и начин за избор на високи раководни позиции, првпат се внесуваат (за избор) и државните секретари во министерствата. Воведена е процедура во три фази, која ќе се реализира и на крајот завршува со интервју за три можни кандидати – рече Минчев додавајќи дека целта е да се добие подобар квалитет.
Меѓу другото, посочи и дека бројот на членови на управните одбори се намалува на тројца.
На дневен ред на оваа седница се и предлог-законот за соодветна и правична застапеност, а Комисијата треба да донесе и одлука за одржување јавна расправа за законот.
