СЛУШАЈТЕ ВО ЖИВО

Избори 2024

ОЈО Делчево проверува наводи за бесплатно поставување водомери како изборен поткуп

Претседателот на привремената комисија на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија за следење евентуални изборни нерегуларности, денеска во изјава за медиумите информира и за настан во селото Бучим, Радовишко, каде што гласач пред да го пушти гласачкото ливче во кутијата му го покажал на набљудувач од политичка партија

Изборниот ден, на кој граѓаните гласаат во првиот круг на седмите претседателски избори, до 13 часот поминал мирно и без поголеми нарушувања на изборниот процес, изјави јавниот обвинител Џељаљ Бајрами, претседателот на привремената комисија на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија за следење евентуални изборни нерегуларности.

претседателот на привремената комисија на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија за следење евентуални изборни нерегуларности Џељаљ Бајрами / Фото: Јавно обвинителство на РСМ

Од настаните што се пријавени, тој во изјава за медиумите информира дека во текот на вчерашниот ден во Основното јавно обвинителство во Делчево бил заведен предмет по побарани наредби од Министерството за внатрешни работи за вршење увид во службената документација на јавните комунални претпријатија во Делчево и Македонска Каменица поради сомненија за кривично дело поткуп при избори и гласање од член 162 од Кривичниот законик (КЗ).

Имено, како што соопшти Бајрами, сомневањата биле за наводно поставување водомери на граѓани од јавните комунални претпријатија без паричен надоместок, а заради поткуп при избори.

Тој информира и за настан во селото Бучим, а за кој денеска било известено Основното јавно обвинителство во Радовиш, дека гласач пред да го пушти гласачкото ливче во кутијата му го покажал на набљудувач од политичка партија.

„Дадени се насоки за проверување дали постојат елементи на кривично дело од член 160 од Кривичниот законик – повреда на слободата на определување на избирачите“,

рече јавниот обвинител Бајрами.

Според него, станува збор за исклучително мал број вакви настани, па, како што додаде, генералната оценка за изборниот процес до овој момент е дека тој поминува без поголеми нарушувања кои би содржеле елементи на кривично дело.

Како што додаде, од утрово не се регистрирани пријави за кривични дела поврзани со изборите и на електронската пошта [email protected],  што според обвинителот исто така го одразува досегашниот мирен тек на изборниот процес.

Инаку, во привремената комисија на Јавното обвинителство за следење евентуални изборни нерегуларности е составена од претставници на четирите виши јавни обвинителства во државата, како и од Основното јавно обвинителство кое е со најголем обем на работа.

Зградата на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија / Фото: Архива

Денеска, како што информира Бајрами, се организирани вонредни дежурства во сите основни јавни обвинителства, а изборите ги следат во тесна координација и со останатите институции надлежни за следење на нивната регуларност.

„Комисијата ги следи евентуалните изборни нерегуларности кои би претставувале кривични дела од Глава 16 на Кривичниот законик, односно кривични дела против изборите и гласањето, но и останатите кривични дела кои би можеле да го нарушат текот на изборниот процес. Во оваа насока својата работа ја започнавме уште на самиот старт на изборните активности, а ќе продолжиме и меѓу двата изборни круга и на денот на второто гласање, кога ќе се гласа и на претседателски и на парламентарни избори. Сите евентуални сомненија за кривични дела кои би можеле да го нарушат изборниот процес ќе бидат испитани, а предметите ќе имаат приоритет на постапување во јавните обвинителства“,

рече јавниот обвинител Бајрами во изјавата за медиумите.

Прикажи повеќе

Холидеј

Радио Холидеј е приватна радио станица - концесионер која со квалитетен сигнал го покрива регионот на Општина Прилеп, Крушево, Македонски Брод, Демир Хисар, Битола и поширокиот Пелагониски регион.

Поврзани објави

Back to top button
Skip to content