Водата за пиење што ја користат жителите на Општина Прилеп од Регионалниот водовод „Студенчица“ и градските извори е целосно здравствено исправна и безбедна за употреба, информираа денеска на заедничка прес конференција директорот на Центарот за јавно здравје, Горан Кузески и директорот од ЈКП „Водовод и канализација“, Ѓоко Јочкоски.
Од претпријатието посочуваат дека во соработка со Центарот за јавно здравје – Прилеп секојдневно се врши мониторинг на квалитетот на водата, при што се земаат мостри од 15 мерни места низ градот.
Според резултатите од физичко-хемиските анализи, сите испитани примероци се исправни и ги исполнуваат барањата утврдени со Правилникот за безбедност и квалитет на водата за пиење („Службен весник“ бр. 183/2018). Тоа значи дека водата што се испорачува преку градскиот водовод е безбедна за пиење.
Покрај физичко-хемиските анализи, ЈЗУ Центар за јавно здравје – Прилеп секојдневно спроведува и микробиолошки испитувања, со што континуирано се следи здравствената исправност на водата.
Од ЈКП „Водовод и канализација“ апелираат до граѓаните да не подлегнуваат на непроверени информации и дезинформации што се шират на социјалните мрежи, туку да се информираат исклучиво преку официјалните известувања на надлежните институции кои се грижат за јавното здравје и квалитетот на водата за пиење.
