Проф. Наде Проева, посхумно одликувана со Орден „8 Септември“

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска посхумно со Орден „8 Септември“ ја одликува Наде Проева, историчарка, професорка и авторка за нејзиниот особен придонес во афирмирањето на македонската историографија. Орденот „8 Септември“ го прими нејзината сестра Павлина Проевска.

​- ​Античкиот свет е далечно минато. Неговите градови се урнати, неговите владетели преминаа во историските книги, а до него допираме само преку фрагменти: натписи врежани во камен, монети, археолошки ископувања и остатоци, ретки сведоштва што времето не успеало целосно да ги избрише. Но, токму од тие фрагменти, од тие навидум неми траги на минатото, професорката Наде Проева создаде и создаваше знаење, концепти, теории, одгатнуваше историја, отвораше нови научни хоризонти и поттикнуваше повторно, пошироко и подлабоко да размислуваме за местото на Македонија и Македонците во историјата – истакна претседателката во својот говор на врачувањето на Орденот.

​Истражувањето и одгатнувањето на антиката и античка Македонија беа нејзина животна и научна преокупација и мисија, а таа, како што кажа претседателката, не го романтизираше минатото, ниту го претвори во мит, туку го истражуваше и објаснуваше со научна строгост, интелектуална чесност и длабоко чувство на одговорност кон вистината.

– ​Затоа нејзиниот пат, започнат во Ресен, продолжи на Филозофскиот факултет во Белград и се усоврши на Сорбона во Париз, каде што им се посвети на епиграфиката, нумизматиката и античките религии, притоа одделувајќи ги антиката и историјата на античките Македонци – области што ги проучуваше не само во архивите и библиотеките, туку и на археолошките локалитети – рече Сиљановска-Давкова.

​Нејзините трудови за античка Македонија, Римската провинција Македонија претставуваат вреден научен прилог и остануваат важна појдовна точка за идните истражувања. ​Нејзиниот научен труд не се гледа и препознава само во книгите и студиите што ги напиша, туку и во грижата за научното наследство што го остави зад себе, меѓу другото и преку уредувањето на веќе споменатите едиции Historia Antiqua Macedonica и Bibliotheca Miscellanea Byzantino-Macedonica. Токму затоа, нагласи претседателката, Наде Проева беше почитувана и кога со неа се согласуваа, но и кога со неа не се согласуваа. Нејзиниот авторитет не произлегуваше од титулите што заслужено ги носеше, туку од подготвеноста и решеноста секоја теза да ја поткрепи со докази и знаење и секој став да го изложи на критичка проверка.

– Таа активно и бурно учествуваше во јавниот живот, уверена дека интелектуалецот нема само право, туку и должност да зборува кога се отвораат прашања од суштинско значење за културата, историјата и идентитетот. Нејзините колумни имаа просветителски карактер и учев од нив – рече Сиљановска-Давкова.

Проева, додаде таа, како строга, чесна и совесна професорка, образуваше генерации историчари, но уште поважно, образуваше генерации млади луѓе да размислуваат критички, да ги проверуваат фактите и да не се задоволуваат со лесни и конечни одговори. Таа остави и дела што остануваат траен дел на историската наука и настава, меѓу коишто е и Историја на Аргеадите – првиот, како што веќе чувме, универзитетски учебник посветен на античките Македонци.

– ​Нејзините студенти од неа не учеа само историја на стариот век или историја на античка Македонија, туку важна лекција дека сериозното знаење започнува таму каде што завршува самоувереноста и се раѓа сомнежот – рече Сиљановска-Давкова.

​Претседателката истакна дека денес, кога постхумно ѝ го доделуваме Орденот „8 Септември“, ѝ оддаваме признание на една од најзначајните личности на македонската историографија, научничка која ја афирмираше Македонија во меѓународните академски кругови, претставувајќи ја во најдобрата светлина македонската историска наука на научни собири и конференции во истражувачките центри ширум Европа и светот. За врвните научни достигнувања го доби францускиот Орден Витез на академските палми.

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј
Skip to content