Македонците ја крадат својата историја?!

Со години, можеби и децении, од Софија доаѓа едно исто обвинување. Македонците, велат, ја крадат бугарската историја. Тоа се повторува во политички говори, во медиуми, во декларации, во учебници, па дури и пред европската и светската јавност. Толку често е повторувано, што човек би помислил дека станува збор за некаква неоспорна вистина.

Но колку повеќе човек се обидува логички да ја разбере оваа теза, толку повеќе сфаќа дека се наоѓа пред еден необичен парадокс, кој е толку голем, што и најголемите умови би имале проблем да ја расплеткаат оваа чудна логичка јамка, пишува Горан Анастасовски за НОВА МАКЕДОНИЈА.

Имено, официјалната бугарска позиција со години е дека до 1945 година во Македонија немало Македонци, туку Бугари. Според таа теорија, македонската нација била создадена по Втората светска војна, под влијание на Јосип Броз Тито. Значи, според истата таа теза, луѓето што живееле на овие простори пред 1945 година биле дел од бугарскиот народ.

И тука почнува логичкиот апсурд. Ако тие луѓе биле Бугари, тогаш тие ја живееле таа историја. Тие се раѓале, се женеле, се бореле, страдале, се радувале и умирале во рамките на таа историја. Нивните потомци денес живеат во Македонија. Како тогаш тие потомци можат да бидат обвинети дека ја крадат историјата на своите дедовци и прадедовци?

Зарем човек може да ја украде сопствената биографија? Зарем некој може да украде нешто што неговите предци го живееле?

Дури и ако, само за момент, ги прифатиме сите бугарски тези како точни, повторно доаѓаме до истиот заклучок. Ако до 1945 година населението во Македонија било бугарско, тогаш тоа население било непосреден учесник во таа историја. А човек не може да биде крадец на историја во која самиот учествувал.

Историјата не е автомобил што некој може да го украде од паркинг. Не е ниту слика што може да се изнесе од музеј. Историјата е збир од човечки судбини, настани, радости, трагедии и спомени. Таа не е ничија приватна сопственост, па некој да може да стави катанец на неа и да каже: „Ова е само мое.“

Токму затоа, обвинувањето дека Македонците ја крадат бугарската историја, според самата бугарска теза, всушност значи дека Македонците ја крадат сопствената историја. А тоа е логички невозможно.

Замислете човек што пораснал во една куќа, во неа се родиле неговите родители и дедовци, а потоа некој му вели дека тој всушност ја украл куќата од самиот себе. Колку и да звучи апсурдно, токму на таква логика се сведува целата приказна.

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј
Skip to content