Времето на еднострани отстапки заврши, потребен е реципроцитет во односите со Бугарија

ВМРО-ДПМНЕ денеска соопшти дека Македонија не смее повеќе да води политика на еднострани отстапки кон Бугарија и дека билатералните прашања треба да се решаваат врз основа на реципроцитет, меѓусебно почитување и исполнување на обврските од двете страни.

Од владејачката партија упатија критики кон опозицискиот СДСМ и неговиот лидер Венко Филипче, обвинувајќи ги дека повторно ја промовираат политиката на попуштање кон Софија, која, според ВМРО-ДПМНЕ, во минатото ги поткопала македонските национални позиции.

„Венко Филипче ги повторува и нуди истите грешки на Заев и Ковачевски кои ја ставија земјата во ќор-сокак“, наведуваат од партијата, додавајќи дека лидерот на СДСМ сѐ почесто настапува со ставови кои се совпаѓаат со официјалните позиции на Бугарија, наместо со интересите на македонските граѓани.

Во соопштението се посочува дека европската интеграција на државата останува стратешка цел, но дека таа не смее да се одвива по цена на, како што велат, нови понижувања, условувања и негирање на националниот идентитет.

Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека Македонија нема да прифаќа нови барања кои не се дел од европските критериуми и очекуваат Бугарија да ги исполни своите обврски, вклучително и почитувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права.

„Националните интереси и идентитет не смеат да бидат предмет на преговори и отстапки. Времето на еднострани отстапки заврши, време е за реципроцитет“, се наведува во соопштението.

Од партијата порачаа дека Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи, како што велат, достоинствено и принципиелно да ги брани државните и националните интереси и нема да дозволи евроинтегративниот процес да стане средство за нови уцени кон државата.

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј
Skip to content