Пелегрини-Сиљановска-Давкова: Проширувањето на ЕУ треба да биде фер процес, предвидлив и со исти правила за сите кандидати
Словачка ја поддржува европската перспектива на Македонија и тоа го прави како пријател, партнер и сојузник. Но, во исто време јасно велиме дека проширувањето како процес мора да биде фер, предвидлив и заснован на истите правила коишто важат за сите кандидати, рече словачкиот претседател Петер Пелегрини на денешната прес-конференција по средбата со македонската претседателка Гордана Сиљановска – Давкова која е во официјална посета на Словачка.
Ова, според него, значи дека и земјите кандидати мора да ги исполнат договорените критериуми, но оти и Европската Унија мора да испрати јасен сигнал дека исполнувањето на условите ќе значи и конкретни чекори напред.
– Исто така, ова е важно и за довербата меѓу граѓаните во земјите кандидати. За време на моите посети на земјите од Западен Балкан реков дека не треба да има скратени патишта и дека не смее да има непотребни пречки, дека сите услови мора да се применуваат за сите, а европската заложба мора да ја има својата важност. Словачка ги почитува заедничките одлуки во рамки на Европската Унија, сите го почитуваме гласот на секоја земја членка. Сојузништвото во Европската Унија не може да се гради со заобиколување на чувствителните прашања, напротив на добрососедски односи, на дијалог и на сите заложби коишто се дадени, рече Пелегрини.
Нашата амбиција, додаде тој, не е да се решаваат чувствителните прашања од перспектива на судија, туку предлогот е да се почитува европската перспектива на регионот, притоа да се почитува и достоинството на сите вклучени страни.
Рече дека на средбата со македонската претседателка разговарале и за НАТО Алијансата.
– Ние, Словачка и Македонија сме сојузници, тоа е многу важно во ова време бидејќи живееме во време кога безбедноста во Европа не може да се земе здраво за готово, затоа НАТО мора да остане Унија на споделени вредности и доверба. И двете страни имаат интерес Европа да биде посилна и поверодостојна во делот на одбраната во рамки на Алијансата. Ништо од ова не може да го замени НАТО, туку напротив, да се зајакне европската безбедност, бидејќи таа не започнува на границите на Европската Унија, затоа тоа е важно, рече словачкиот претседател.
Според него и Македонија, но и регионот чиј дел е таа, е многу важен за целата Европа и оти таа треба да се прошири, пред сè во делот на стабилноста. Западен Балкан, нагласи, не смее да остане простор на геополитички натпревар и игри.
– Ставот на Словачка е јасен: стабилен и просперитетен и европски ориентиран Западен Балкан, бидејќи тоа е во стратешки интерес за целата Европа, рече претседателот на Словачка.
Словачка, нагласи тој, сака да биде партнер на нашата држава и ја разбира нашата амбиција за членство во ЕУ.
