ВМРО-ДПМНЕ нема да поддржи уставни измени за внесување на Бугарите во Уставот доколку претходно не бидат обезбедени гаранции од Европската Унија во форма на официјални заклучоци, порача денеска на прес-конференција портпаролот на партијата Валентин Манасиевски.
„Промени на Уставот за внесување на Бугарите, без гаранции од ЕУ во форма на заклучоци – нема да има“, истакна Манасиевски.
Тој потсети на претходните уставни измени поврзани со промената на уставното име на државата, оценувајќи дека тие не ги донеле очекуваните резултати во процесот на европска интеграција.
„Сите се сеќаваме дека последните измени на Уставот за промена на уставното име ги направија Филипче и Заев, откако претходно беа убедувани дека тоа е последниот чекор на Македонија и утре дента ние влегуваме во ЕУ“, рече Манасиевски.
Според него, тогашните ветувања за побрз напредок кон Европската Унија не биле исполнети.
„Наместо отворање на поглавјата и преговори со ЕУ, ние добивме слика од владин авион“, изјави Манасиевски.
Портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ оцени дека промената на името не довела до очекуваниот напредок, туку дека земјата се соочила со дополнителни пречки на европскиот пат.
„Лековерноста на политичарите како Венко Филипче и Зоран Заев доведе да го промениме државното име и наместо влез во ЕУ, да добиеме вето од Холандија, Франција, а подоцна и од самата Бугарија“, рече тој.
Манасиевски упати критики и кон актуелните ставови на опозициската СДСМ, тврдејќи дека повторно се создаваат нереални очекувања кај граѓаните.
