СДСМ е единствената партија која паушално обвинува за наместен тендер кој воопшто не се реализирал затоа што договор нема. Очигледно е дека директно застапуваат некоја од страните заинтересирани за тендерот, соопшти Министерството за транспорт.
„Министерството за транспорт ја водеше постапката за набавка на 150 електрични автобуси и електрични полначи во целосно транспарентен процес и целосно согласно Законот за јавни набавки.
Согласно процедурата, до Министерството за транспорт пристигнаа 4 понуди кои беа предмет на евалуација.
Иако тендерот пропадна, во интерес на јавноста би сакале да ги објавиме понудите и причините за отфрлање на секоја од нив“, додаваат во реакцијата на прес конференцијата на СДСМ.
Додават дека пристигнаа четири понуди од понудувачите:
Кинеската компанија Актрус со автобуси Кинг Лонг во вредност од 50 700 000 € без ДДВ, унгарско-австрискиот конзорциум Електробус Икарус- ЕВН во вредност од 50 600 000 € без ДДВ, кинеската компанија Жонг Тонг во вредност од 50 600 000 € без ДДВ и турската компанија БМЦ во вредност од 59 200 000 € без ДДВ.
Поединечните цени по автобус без полнач се: Електробус/Икарус: 314 000 €, Актрус/ Кинг Лонг: 324 000 €, Жонг Тонг: 327 000 € и БМЦ: 385 000 €.
Од ова се забележува дека сите цени се приближно исти, односно нема разлика од 12 милиони евра.
Затоа бараме јавно извинување од СДСМ, во спротивно ќе поднесеме тужба за клевета.
