Ѓорѓиевски: Најдобар прв квартал во историјата на Скопје

Град Скопје го бележи најдобриот прв квартал во својата историја според реализацијата на капиталните инвестиции, соопшти градската администрација, посочувајќи дека за првпат е постигната рекордна реализација уште во првите месеци од годината.

Според податоците од Градот, во Основниот буџет за 2026 година биле планирани капитални инвестиции во износ од 1,85 милијарди денари, што претставува зголемување од 32,4 проценти во однос на претходната година. Во првиот квартал биле реализирани 335,75 милиони денари, односно 18,12 проценти од вкупно планираните капитални инвестиции, што претставува најдобар резултат досега за овој период од годината.

Од Град Скопје истакнуваат дека позитивниот тренд продолжува и во вториот квартал. Само во април биле реализирани капитални инвестиции во вредност од 464,45 милиони денари, што е највисока априлска реализација во историјата на градот. Заклучно со 8 мај 2026 година, реализацијата надминала 480 милиони денари, односно веќе се реализирани 26 проценти од планираните капитални инвестиции за целата година.

Во соопштението се наведува дека резултатите се постигнати и покрај, како што велат, наследените долгови, нефункционалните системи и тешката финансиска состојба во јавните претпријатија. Градската администрација оценува дека со дисциплинирано и одговорно работење започнала стабилизација на системот и враќање на редот во функционирањето на институциите и јавните служби.

Паралелно со капиталните инвестиции, обезбедени биле средства и за исплата на наследени субвенции за велосипеди, азбестни кровови, инвертер-клими, чистење оџаци, средношколски стипендии и други мерки за граѓаните.

Дополнително, за јавните претпријатија биле обезбедени повеќе од 467,9 милиони денари субвенции за „Паркови и зеленило“, „Комунална хигиена“, „Дрисла“, „Лајка“, „Улици и патишта“ и ЈСП, со цел стабилизација на нивното работење и подобрување на јавните услуги.

Од Градот информираат и дека во изминатите 4,5 месеци обврските на јавните претпријатија биле намалени за околу 38,5 милиони евра, при што најголемо намалување е регистрирано во ЈП „Водовод и канализација“. Воедно, обврските на Град Скопје биле намалени за околу 11,6 милиони евра, а исплатени биле и долгови по основ на експропријација, тужби и преземени обврски.

Од градската администрација порачуваат дека ова е само почеток на процесот на стабилизација и развој на Скопје, со најави за продолжување на инвестициските активности и реализација на нови проекти во интерес на граѓаните.

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј
Skip to content