Жалбена расправа за убиствата на Вања и Панче: Палевски тврди дека има пропусти, обвинителството ја брани пресудата

Во продолжението на жалбената расправа пред Апелациониот суд за убиството на Панче Жежовски и Вања Ѓорчевска, обвинетиот Љупчо Палевски – Палчо пред судечкиот совет рече дека првостепената пресуда содржи сериозни пропусти во оценувањето на клучни докази и логиката на настаните.

Според него, судот не дал анализа за дел од материјалните докази поврзани со подготовките за кривичното дело, меѓу кои и лепливата лента со ДНК од обвинетиот Велибор Манев, пронајдена на облеката на жртвата, како и нејзиното времено и фактичко потекло.

Палевски истакна дека судот правилно го ослободил таткото на Вања Ѓорчевска по одделни точки од обвинението, поради недостиг на докази и комуникации, но неоправдано прифатил дека податоците за семејството Ѓорчевски биле добиени од жртвата по грабнувањето. Според него, ова не е поткрепено со други докази и е во спротивност со исказите на повеќе сведоци.

Преку своите адвокати повторување на постапката побараа и обвинетите Велибор Манев, Боре Видевски и Влатко Кешишев.

Вишиот јавен обвинител Дарко Јакимовски истакна дека во првостепената пресуда, особено во точките еден и два од диспозитивот, се содржани сите правно релевантни факти, како и суштинска и сеопфатна анализа на доказите врз основа на кои судот ја утврдил фактичката состојба.

Тој нагласи дека одбраните во жалбената постапка во најголем дел се фокусираат на периферни и несуштински аспекти од настаните, кои не можат да ја разнишаат основаноста на заклучоците донесени од првостепениот суд. Според обвинителството, жалбите претставуваат дистракција и обид за пренасочување на вниманието од клучните докази.

Дополнително, беше даден осврт и на наводите во врска со лепливата трака на Вања Ѓорчевска. Иако одбраната се обиде да го релативизира овој наод, обвинителството потсети дека во пресудата конкретно и прецизно е опишано тоа дејствие и дека истото е вреднувано во контекст на целокупниот доказен материјал.

Oбвинителот нагласи дека целокупната хронологија и логиката на настаните покажуваат дека Вања Ѓорчевскa била перципирана како опасност за обвинетите. Чувањето на жртвата во живот би наметнало дополнителни ризици, можност за откривање, пријавување во полиција и оставање траги што, според обвинителството, претставувало мотив за ликвидација.

Јавниот обвинител оцени дека признанијата дадени од обвинетите се доброволни, меѓусебно усогласени и поткрепени со материјални докази, при што е исклучена можноста за меѓусебна синхронизација или измислување на настаните. Патеката на движење, местата на извршување и дејствијата на обвинетите, како што рече, прецизно се вклопуваат со она што самите го изнеле во своите искази.

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј
Skip to content