Коалицијата ВРЕДИ вечерва на Конгрес во Скопје во присуство на 850 делегати се обедини во еден политички субјект.
Ко-претседателот на ВРЕДИ и градоначалник на Чаир Изет Меџити во своето обраќање на Конгресот рече дека има моменти во историјата кога политиката престанува да биде натпревар и се претвора во неопходност.
Според него, ова се моменти кога времето бара не само промени, туку и единство.
Тој истакна дека се собрале заедно различни сили, со различни истории и искуства кои честопати оделе во спротивни насоки.
-Сепак, во тој момент, иако разликите не исчезнаа, тие сили се здружија околу поголема цел: да се стави крај на долгата ера на стагнација и да се отвори ново поглавје за Албанците во Северна Македонија. Ова не беше лесен сојуз, но беше неопходен сојуз. Бидејќи зад нас беше долго и тешко поглавје, со институции оптоварени со скандали, со канцеларии каде што се играше фудбал и со наместени политички случаи, каде што правдата се користеше како оружје за пресметка и замолчување на противникот. Таквото поглавје бараше крај. А секој таков крај бара храброст. Затоа дојде овој сојуз – рече Меџити.
Првиот вицепремиер и министер за европски прашања, Беким Сали, во својот говор нагласи дека обединувањето на овој ентитет пренесува јасна порака за единство и евроатлантска ориентација.
Потсетувајќи се на протестите пред 10 години во Скопјe „За достоинство, правда и демократија“, Сали рече дека денеска, на Денот на Европа, ова обединување ја докажува насоката на ВРЕДИ.
-Можеме да имаме алтернативи за сè, но европската интеграција е ориентација без алтернативи. Ова е патување кое се гради со кредибилни институции и секојдневна одговорност кон граѓаните – рече Сали.
Тој нагласи дека ВРЕДИ се гради како сериозна политичка структура, со теренска организација, младински и женски форуми, како и со вклучување на професионалци, со цел да биде блиску до граѓаните насекаде. Сали стави посебен акцент на младите луѓе и жените, нагласувајќи ја потребата од создавање можности за нив да ја градат иднината на земјата, како и важноста од зајакнување на општините преку децентрализација.
