Буквите од македонската азбука се прозорци во душата на македонскиот народ

На денешен ден, 4 мај 1945 година, во весникот „Нова Македонија“ број 104, за првпат била отпечатена новата македонска азбука со 31 буква. Еден ден претходно, на 3 мај 1945 година, Народната влада на Федерална Македонија донесе решение за утврдување на македонската азбука со 31 буква. Министерскиот совет на Федерална Македонија ја утврди македонската азбука, заснована врз фонетскиот принцип, по повеќемесечна работа на неколку комисии, врз основа на Резолуцијата на последната Комисија за јазик и правопис при Министерството за народна просвета. Заснованоста на македонската азбука врз фонетскиот принцип значи дека за секој одделен глас во јазикот има буква во азбуката. Ова е од најважните моменти во современата македонска политичка и јазична историја. Кога станува збор за македонскиот литературен јазик и за азбуката, „Нова Македонија“, како еден од столбовите не само на македонската државност туку и на македонскиот јазик и култура, има дотолку поголема историска улога, бидејќи на нејзините страници е објавена првата официјална македонска азбука. Инаку, Комисијата за јазик и правопис е формирана од Президиумот на АСНОМ во ноември 1944 година со цел да поднесе предлог за азбука и правопис на македонскиот јазик. Но првата комисија не ги оформила целосно своите ставови, па, со извесни измени во составот на комисијата, прашањето за азбуката и правописот е решено шест месеци подоцна, на 3 мај 1945 година. Комисијата за азбука и правопис во конечен облик ги формулира своите ставови, кои се содржани во решението, донесено на 3 мај 1945 година. Притоа биле поставени следниве принципи: (1) Во македонскиот литературен јазик треба да се установат оние форми од централните говори што во најголем степен ќе ги поврзат сите наши говори и ќе бидат лесно приемливи за луѓето од сите наши краишта; (2) Во македонскиот литературен јазик треба до најголем степен да се изрази неговата народна основа. Речникот на литературниот јазик да се обогатува со зборови од сите наши дијалекти, да се изградуваат нови зборови со живи наставки и само колку што е потребно да се усвојуваат и туѓи заменки; (3) Македонската азбука да биде составена од толку букви колку што има гласови во литературниот јазик. Правописот да се изработи врз фонетскиот принцип.

Официјализирање на азбуката како државна норма

На 5 мај 1945 година Владата ја официјализирала азбуката како државна норма. Таа е објавена повторно во весникот „Нова Македонија“, зашто во тоа време не постоел службен весник каде што државата ги објавува своите одлуки. Објавувањето на 5 мај се смета како службен документ. Тробројот на весникот од 5, 6 и 7 мај 1945 година, редакцијата го подготвувала со посебно внимание. Во овој дотогаш најголем број се застапени текстови со различни теми од областа на јазикот, но најзначаен е документот со наслов „Решението на Народната влада на Федерална Македонија за македонската азбука“. Овој број на „Нова Македонија“ има историско значење како прв официјален документ, во кој Блаже Конески го извршил нормирањето на јазикот. Тоа ја заокружило стандардизацијата на македонскиот јазик, започната од Крсте Мисирков.
По озаконувањето на македонската азбука на 7 јуни истата година следува усвојување и озаконување на македонскиот правопис. Потоа започнува и издавањето важни дела за наставата на македонски јазик: во учебната 1945/46 година првиот Буквар со читанка на македонски јазик за прво одделение, со кој почнува организираната настава по мајчин, македонски јазик во училиштата. Азбуките се приказна за напорот, иновацијата и отпорноста на македонскиот народ наспроти обидите за негова асимилација и уништување, пишува Свето Тоевски за НОВА МАКЕДОНИЈА.

Кирилската азбука на Крсте Мисирков како основа

Современата македонска азбука со 31 буква се темели врз кирилската азбука на Крсте Мисирков. Некои ортографски знаци се преземени од азбуката на Вук Караџиќ, иако Мисирков користел знаци за истите тие гласови. Развојот на денешната македонска азбука датира уште со појавата на глаголицата и потоа со замената на глаголицата со кирилица и со постепено развивање и усовршување на гласовно-графичкиот систем. Во историската приказна за буквите се содржани исклучителни примери за колективниот гениј на македонскиот народ и неговите јазични, книжевни, просветни и културни дејци. Проучувањето на буквите и азбуките што ги создавал и со кои се служел македонскиот народ ги открива сета сложеност и богатство на македонскиот јазик во долгите временски процеси на неговата еволуција низ вековите и илјадалетијата. Азбуките се приказна за напорот, иновацијата и отпорноста на македонскиот народ наспроти обидите за негова асимилација и уништување, наспроти сите пропаганди насочени против македонскиот јазик, македонскиот идентитет и македонската духовност. Буквите претставуваат повеќе од алатки за комуникација: тие ги поттикнуваат културата и традицијата. Буквите и азбуките се повеќе од само симболи: тие се прозорци во душата на македонскиот народ. Тие се одраз на македонскиот идентитет.
Глаголицата – претходникот на денешната кирилица е создадена од Св. Константин-Кирил Филозоф, врз основа на гласовниот систем на македонскиот дијалектен говор од солунскиот крај.

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј
Skip to content