Швајцарија е еден од најзначајните партнери на Македонија во развојната соработка, а билатералните односи имаат потенцијал дополнително да се зајакнат, особено во делот на економијата и трговската размена, изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски по средбата со претседателот на Швајцарската конфедерација, Ги Пармелан.
На средбата, на која присуствувале и претставници на Владата и на бизнис-заедницата, било разговарано за можностите за унапредување на соработката, за заедничките предизвици, но и за начините за продлабочување на партнерството во периодот што следи.
– Разговаравме за сите можности, за предизвиците, но и сето она коешто не поврзува и како сето тоа да го зголемиме и засилиме во периодот којшто следува. Убеден сум дека во периодот којшто следи нашите билатерални односи ќе го достигнат она ниво коешто и ние го очекуваме, посебно во делот на економската соработка и трговската размена – истакна премиерот Мицкоски
Премиерот нагласи дека Владата ќе продолжи интензивно да работи на подигнување на билатералните односи на повисоко ниво и упати благодарност за досегашната поддршка од Швајцарија.
-Како претседател на македонската Влада можам да кажам дека ќе работиме интензивно на зајакнување и подигнување на повисоко ниво на нашите билатерални односи – посочи Мицкоски.
Претседателот на Швајцарската конфедерација, Џи Пармелан, за време на официјалната посета на земјава по средбата со премиерот изјави дека Швајцарија останува силно посветена на продлабочување на билатералните односи со Македонија, со посебен акцент на економијата, инвестициите и стабилноста во регионот.
– Дојдени сме тука да продолжиме да соработуваме и да ги продолжиме сите наши билатерални односи – истакна Пармелан, нагласувајќи дека Швајцарија веќе три децении одржува континуирана соработка со Македонија.
Пармелан посебно се осврна на македонската дијаспора во Швајцарија, потенцирајќи ја нивната значајна улога во поврзувањето на двете држави.
– Имаме преку 100 илјади Македонци во Швајцарија, од кои 40 илјади веќе поседуваат државјанство – изјави претседателот на Швајцарската конфедерација.
