ИСОС ја најавува третата регионална конференција посветена на иднината на сметководствената професија

Во организација на ИСОС – Институтот на сметководители и овластени сметководители, на 6 мај 2026 година во Скопје ќе се одржи третата регионална конференција на сметководители и овластени сметководители, под мотото: „Генерација со визија – Професија со иднина“.

Конференцијата се очекува да обедини околу 500 сметководители и овластени сметководители од земјава и регионот. Ќе учествуваат и претставници од институциите, академската заедница, деловниот сектор, како и меѓународни организации и професионални тела, вклучително и претставници на Меѓународната федерација на сметководители (IFAC) и CFE Tax AdvisorsEurope, со цел отворање на суштински дијалог за иднината на сметководствената професија.

Програмата на годинешната конференција вклучува повеќе панел-дискусии и тематски сесии, а фокусот е ставен на трансформацијата на професијата во услови на засилена дигитализација, новите регулаторни барања и зголемена потреба од доверба и транспарентност. Посебен акцент ќе биде ставен на улогата на младите како двигатели на идните промени во професијата.

Една од новините на овој регионален собир ќе биде иСаемот за дигитализација, наменет за презентација на современи софтверски решенија и алатки за унапредување на сметководствената професија.

„Третата регионална конференција е логично продолжение на нашата стратешка определба да ја развиваме професијата во чекор со глобалните трендови, но и да ја направиме поатрактивна за младите. Денес сметководството не е само работа со бројки, тоа е професија што гради доверба, поддржува одлуки и има директно влијание врз економијата. Токму затоа, оваа година посебен фокус ставаме на новите генерации, на технологијата и на иднината на професијата“, изјави претседателката на ИСОС, Весна Прентоска.

Во рамки на конференцијата ќе биде презентиран и студентскиот проект: видео подкастот „Повеќе од само бројки“, иницијатива која произлезе од претходното издание на конференцијата и има за цел да ја доближи професијата до младите.

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј
Skip to content