Законските измени за укинување на техничката влада на дневен ред во Собранието

Собранието денес ја отвора 98. седница со обемен дневен ред на кој се наоѓаат низа законски предлози, одлуки и стратешки документи што опфаќаат повеќе клучни сектори: од безбедноста и здравството, до економијата и изборните процеси.

Во фокусот на расправата се наоѓаат измените на Законот за Владата на Република Македонија, кои се носат по скратена постапка. Со нив, Владата предлага ново правно решение кое треба да ги отстрани причините за постоењето на моделот на техничка, односно преодна влада. Според образложението, целта е воспоставување посилна институционална стабилност, подобра заштита на јавниот интерес и поефикасно користење на државните финансии. Во исто време, се нагласува дека новата рамка треба да обезбеди целосен демократски легитимитет на извршната власт, како и да гарантира фер и транспарентни изборни процеси преку уставно воспоставените институции, наместо преку политички договори од претходни периоди.

Една од поважните точки на седницата е и предлог-одлуката за учество на припадници на Армијата на Република Македонија во мисијата на Европската Унија „АЛТЕА“ во Босна и Херцеговина, со што државата продолжува со своето учество во меѓународните мировни операции.

Пратениците ќе разгледуваат и повеќе плански и програмски документи, меѓу кои стратешкиот и финансискиот план на Државната комисија за жалби по јавни набавки за 2026 година, како и нејзината годишна програма за работа.

На агендата е и изборот на нов член на Комисијата за спречување и заштита од дискриминација, преку јавен оглас.

Седницата опфаќа и значајни измени во областа на безбедноста на границите. Во второ читање се наоѓа Предлог-законот за изменување на Законот за гранична контрола, чија цел е унапредување на системот за гранична безбедност, подобра функционалност на националниот систем за управување со границите и натамошно усогласување со европските стандарди во рамки на Поглавје 24 од процесот на евроинтеграции.

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј
Skip to content