Мицкоски на одбележување на Меѓународниот ден на Ромите: Ромската заедница е дел од нашата држава, не само формално, туку суштински, таа е дел од нашата историја и култура
Светскиот ден на Ромите не е само симбол, тој е потсетник дека секое општество се мери според тоа колку знае да ги препознае, да ги почитува и да ги поддржи своите луѓе, порача премиерот Христијан Мицкоски на денешното одбележување на 8 Април – Меѓународниот ден на Ромите.
Тој посочи дека ромската заедница е составен дел од државата и општеството.
-Ромската заедница е дел од нашата држава не само формално, туку суштински. Таа е дел од нашата историја, од нашата култура, од нашиот секојдневен живот – рече премиерот, додавајќи дека присуството на Ромите се чувствува во образованието, работните места, музиката и традицијата.
Мицкоски оцени дека покрај постигнатиот напредок и натаму постојат предизвици кои не смеат да се игнорираат.
-Постојат предизвици, постојат разлики кои не смееме да ги игнорираме, постојат бариери кои не смееме повеќе да ги оправдуваме, порача тој, нагласувајќи дека 8 Април е „ден за одговорност“, а не само за зборови.
Премиерот информираше дека Владата активно работи на подобрување на положбата на ромската заедница преку конкретни политики. Тој потенцираше дека интеграцијата е прашање на однос и доверба, а не само на политики. Повика на истрајност и заедништво.
Според претседателот на Собранието, Африм Гаши, овој ден претставува потсетник дека различностите се најголемото богатство на едно општество.
-Овој значаен ден нè потсетува дека различноста е нашето најголемата богатство и во тоа заедничко богатство ромската заедница има посебно и драгоцено место со културата, јазикот, идентитетот и историјата што ја носи – порача претседателот на Собранието.
Според него, проблемите во образованието, вработувањето и застапеноста бараат поголема и системска посветеност, укажувајќи дека е потребен покоординиран пристап од сите чинители. Тој се осврна и на фактот дека во Собранието нема ромски пратеник.
