Гаши: Без Ромите општеството не е целосно, еднаквоста на Ромите не се одразува целосно и во реалноста

Борбата за еднаквост и унапредување на Ромите треба да биде цел на сите чинители во општеството. Ромската заедница е неразделен дел од ова општество, со истото достоинство, со истите права и со истата вредност како и секој друг граѓанин. Меѓутоа, еднаквоста на Ромите не се одразува целосно и во реалноста, тие се уште се соочуваат со разни препреки или дискриминација во многу сфери од животот, беше посочено на настанот „Од невидливост кон еднаквост – одржлива инклузија и правен идентитет за ромската заедница“ што се одржа во Собранието по повод Меѓународниот ден на Ромите – 8 Април.

Претседателот на Собранието, Африм Гаши нагласу дека денеска не треба само да го одбележиме овој датум, туку и да размислиме за нашата општествена и институционална реалност.

– Ова е момент за повторно потврдување на богатството на нашето општество, изградено врз разновидност, достоинство и културни разлики. Но, пред сè, ова е и можност да се заложиме за вредностите на еднаквоста, правдата и соодветната застапеност. По повод овој ден, сакам да нагласам дека ромската заедница е неразделен дел од ова општество, со истото достоинство, со истите права и со истата вредност како и секој друг граѓанин. Сепак, не би било искрено доколку тврдиме дека оваа еднаквост се одразува целосно и во реалноста, посочи Гаши.

Тој оцени дека и покрај напредокот во законодавството и јавните политики, многу ромски граѓани сè уште се соочуваат со разни препреки или дискриминација во пристапот до образование, вработување и други основни услуги, што претставува сериозен тест за функционирањето на владеењето на правото и еднаквоста.

– Затоа темата на денешниот ден „Од невидливост кон еднаквост“ има за цел да ја истакне оваа заложба. Затоа што невидливоста не значи отсуство на права, туку отсуство на правда. Таа не значи отсуство на еднаквост како концепт, туку недостаток на реални можности; не е отсуство на постоење, туку недостаток на застапеност. Пред сè, невидливоста не значи немање идентитет, туку честопати одразува недоволна почит и нарушено граѓанско достоинство, и во овој контекст сите ние сносиме одговорност, нагласи собранискиот спикер.

Гаши истакна дека демократијата не е подарок што ни доаѓа однадвор и оти таа е резултат на заеднички напор и начин на размислување вкоренет во колективната свест и токму затоа дека ни е потребен покоординиран, поодржлив и похрабар пристап, кој ќе ја обедини меѓуинституционалната соработка, политичката волја, граѓанската ангажираност, медиумската одговорност, а пред сè ќе обезбеди дека достоинството и вистинската еднаквост на секој граѓанин се водечки принципи, без исклучок.

– Што се однесува до Собранието, најнапред треба да ја истакнам заложбата на секој пратеник за унапредување и заштита на правата, промоција на културата и креирање политики што водат кон еднаквоста. Тука особено значајна улога има Интерпартиската парламентарна група за правата на Ромите, која претставува пример како суштинските општествени прашања треба да бидат предмет на консензус. Од друга страна, како што сум спомнал неколку пати, иако немаме ромски пратеник во парламентарниот состав, јас лично и со целосна убеденост, секогаш ќе бидам одговорен и посветен глас за заштита на правата и аспирациите на сите Роми во нашата земја, рече Гаши.

Според него, борбата за еднаквост и унапредување на Ромите треба да биде цел и на извршната власт, па затоа, рече, оваа прилика ја користи да го изрази неговото охрабрување за поголема посветеност и поцврста соработка во зголемувањето на можностите за застапеност, образование и вработување на Ромите.

– Без Ромите, општеството не е целосно, а институциите не се праведни. Тука сакам да нагласам дека и медиумите и граѓанското општество имаат своја улога во поттикнувањето конструктивни дебати, идентификувањето на предизвиците и соочувањето на институциите со реалноста. Само преку здрав јавен дијалог и искрена ангажираност можеме да обезбедиме движење од невидливост кон еднаквост, потенцира Гаши.

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј
Skip to content