Праизведена драмата „Саатот“ на Лидија Митоска-Ѓорѓиевска во Прилеп

Текстот „Саатот“ на авторката Лидија Митоска-Ѓорѓиевска, во режија на Кристина Димитрова, синоќа ја имаше својата праизведба на сцената 105 во Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп. Претставата е продукција на Народниот театар „Војдан Чернодрински“ од Прилеп. Станува збор за современа драмска поставка која на суптилен, но впечатлив начин го истражува односот на човекот кон времето – како објективна категорија и како длабоко лична, субјективна перцепција.

Во центарот на приказната е еден брачен пар чиј живот е обележан од присуството на персонифициран ѕиден часовник. Тој не е само предмет, туку активен сведок и учесник во нивното секојдневие – постојано присутен, го исполнува просторот и симболично го одбројува времето што им е дадено.

Конфликтот произлегува од различниот однос кон времето: додека сопругот го прифаќа неговото присуство со спокој, сопругата сè повеќе станува вознемирена од непрекинатото чукање, кое ја потсетува на минливоста и на неискористените можности. Нејзината желба за промена и потрага по смисла ја води кон обид да избега – но каде и да замине, времето останува неизбежен сопатник.

Ова е претстава за судирот меѓу објективното и субјективното време кои ретко се синхронизирани, но и за повторливоста наспроти минливоста – две спротивности од кои колку и да бегаме, секогаш, без исклучок, нѐ наоѓаат.

Во претставата играат: Филип Јездиќ, Димитар Ѓорѓиевски и Наташа Ачански, а во финалната сцена вокална појава и Ана Митоска. Музиката ја потпишуваат Филип Јездиќ и Томе Темелкоски, додека сценографијата и костимите се дело на Благој Мицевски.

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј
Skip to content