Мензата во РЕК Битола привремено затворена по сомнеж за труење со храна

Мензата во РЕК Битола е привремено затворена поради сомнеж за труење со храна, по што над 80 вработени побарале медицинска помош поради стомачни тегоби. Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), во координација со Државниот санитарен и здравствен инспекторат, ЈЗУ Центар за јавно здравје Битола и Институтот за јавно здравје – Скопје, вчера спроведоа вонреден надзор на кујната на операторот кој ги снабдува работниците со оброци.

Во рамки на проверката беа земени мостри од храната, како и брисеви од работни површини и од рацете и носот на вработените во кујната. Според националниот протокол за сомнеж за алиментарни инфекции, мензата е затворена се додека не се добијат конечните резултати од лабораториските испитувања и се заврши инспекциската постапка.

Инспекторите наложија темелно чистење и дезинфекција на сите објекти и опрема, како и вонредни санитарни прегледи за сите вработени. Од Центарот за јавно здравје велат дека анализираат мостри од површини, додека истовремено е спроведена епидемиолошка анкета меѓу засегнатите лица кои претходно конзумирале лазањи со сос од мензата.

Независниот синдикат на АД ЕСМ ја следи ситуацијата и најавува дека ќе побара одговорност доколку се утврди дека труењето е последица на недоволна хигиена или неправилна подготовка на храната. Претседателот на синдикатот нагласи дека здравјето и животот на работниците се неприкосновени и дека јавни коментари за причината засега треба да се воздржат додека институциите не ја завршат истрагата.

Резултатите од лабораториите и конечната анализа на инспекциските служби ќе ја одредат следната постапка и дали мензата ќе може да продолжи со работа.

Радио Холидеј - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Може ќе Ви се допадне

Веб страницата користи *колачиња со цел да овозможи и креира подобро корисничко искуство за нашите посетители. Прифаќам Повеќе

Холидеј
Skip to content